Вевчани се подготвува за претстојната туристичка сезона

Жителите покажуваат интерес за проширување на сместувачаките капацитети. Локалната самоуправа покрај проектите за да стане „Зелена општина“ работи и на изградба на спортски содржини.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Вевчани, живописната рурална општина, станува привлечнa се повеќе не само за домашните, туку и за странските гости. Општината работи на подобрување на инфраструктурните капациети и намерата е да биде еколошки „Зелена општина“. Со овие адути, за оваа летна сезона жителите покажуваат интерес за проширување на сместувачките капацитети кои недостасуваат за сместување на гостите во Вевчани, информира Сашо Јанкоски градоначалник на општината.

„Тука кубуриме со мал број на легла. Но, гледам голем интерeс кај локалното население и интенција за пренамена на капaцитетите во вакви објекти. Доаѓаат и странски гости и се бара легло повеќе и во лето и во зимскиот период“.

Локалната самоуправа работи на создавање на содржини за посетителите како што е туристичко информативниот центар. Во таа насока ќе се гради и мултифункционално дестко игралиште во кругот на ОУ „Страшо Пинџур“. Разговарано е со Наумче Мојсоски, директорот на Агенцијата за млади и спорт и има најава за скоро отпочнување со реализација и на овој проект кој ќе содржи повеќе спортски дисциплини.

„Ќе има игралишта за ракомет и мал фудбал. Две кошаркарски игралишта и игралиште за одбојка. Досега тој полигон беше во центарот на Вевчани и тој простор сега добива друга намена. Со мултифункционалното игралиште ќе се поттикнат младите на спорт во Вевчани.“

Во општина Вевчани останува да се реализира проектот отворен пливачки базен. Засега, општината се судира со проблем при избор на локација за изградба на базенот, затоа што општината е од збиен тип, нема нов урбанистички план и се бара добра локација за изградба на пливачкиот базен. Јанкоски додава дека споро се носат Урбанистичките планови, не само за општина Вевчани, туку и за останатите помали рурални средини. Од 2014 година општината има поднесено документација за проширување на урбанистичкиот план, но заради грешки во постапките тој е стопиран и се враќа на почеток за да се запазат предвидените законски норми, информира Сашо Јанкоски.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top