Уапсен лажен хирург кој вршел пластични операции во Србија

Дваесет и три годишен масер од Батајница кај Белград, кој со години држел „елитна“ ординација за пластична хирургија е уапсен по неколкунеделна полициска потрага, откако десетици жени се пожалиле на здравствени проблеми како последица на неговите неуспешни и нестручно изведени операции.

 |   | 

На Сава Кнежевиќ и неговата мајка Даниела која му помагала, ќе им се суди за надрилекарство. На двајцата им е одреден 48-часовен притвор, јавуваат српските медиуми. 

Неверојатно вештиот измамник дури во 2017 година, кога имал само 19 години, успеал да им одржи предавање на француски лекари во една клиника во Париз, а медицинската установа до неодамна ја имала објавено на својата веб-страница снимката од неговото „предавање“.

Кнежевиќ пет години „оперирал“ и вршел естетски зафати како инјектирање ботокс и липосукции, иако не бил квалификуван за нив, а клиенти во неговата „дива“ ординација, во која цените биле драстично повисоки отколку во легитимните ординации, биле и личности од јавниот живот во Србија.

Лажниот доктор се сомничи дека осакатил десетици луѓе, главно жени, претставувајќи се лажно како специјалист по реконструктивна хирургија. Ординацијата била опремена со најскапа опрема и се наоѓала на атрактивна локација во центарот на Белград, но околу неа немало никаква назнака дека се работи за медицинска установа. Хируршите зафати се вршеле на импровизирана маса за операции поставена на застаклена тераса, а на „докторот“ Кнежевиќ му помагал цел медицински тим, за кој полицијата сѐ уште открива дали биле измамници како и газдата, или се работи за вистински лекари кои не знаеле за кого работат.

Уапсениот Кнежевиќ имал поминато само прва година на Стоматолошки факултет, а работел како масер со завршен курс. Наместо да ги разубави, како шо им ветувал, лажниот доктор на многу жени им предизвикал лузни, изгореници и дупки на разни делови од телото од каде земал мрсно ткиво за пресадување во гради или во уста. Дел од пациентките кои го пријавиле и го тужат Кнежевиќ, велат дека им бил загрозен и животот.

Како што пишуваат медиумите, Кнежевиќ во последните месеци дури и го проширил „бизнисот“ и почнал да им нуди на странци аранжмани за вакцинирање во Србија, по цена од 600 евра за две дози.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top