Обилните врнежи од дожд предизвикаа проблеми во делови од Охрид

Најпогодени жителите во населбата Далјан и на Туристичка кај хотел Дончо. Надлежните служби задолжени за спречување на поплави како причина ги наведуваат големите количини наврнат дожд, а избегнуваат да кажат дали навреме ги исчистија речните корита во есенскиот период.

 |  Валентина Неловска  | 

Обилните дождови на одредени делови во Охрид предизвика проблеми. Граѓани јавуваа за поплавени имоти и подрумски простории, улици и земјоделски површини во населбите Далјан, Туристичка, Железничка, Лескајца и на улиците Марко Цепенков и Кленоец.

Данчо Нически жител на улицата Железничка, се пожали дека реката Сушица му поплавила земјоделски површини со насадени градинарски пластеници.

„Поради неисправност на каналицијата за атмсоферска вода кај мостот се полни цевката со вода од реката. Кај што е пониско преку канализацијата се вливаат водите во нивите. Не е прв пат, вака е со години наназад. Сум бил кај сите градончалници, во фондот за комунално уредување, никој не сака ништо да преземи, а треба само да се исчисти под мостот“.

И од локалната признаваат дека најголем проблем е улица „Железничка“, додавајќи дека таму куќите се под нивото и самото тоа придонесувало за поплавување на одредени локации.
Од Општина Охрид за ТВМ велат дека денес, екипи на Јавните претпријатија и Локалната самоуправа биле излезени на терен и ги посетиле сите критични места. Од увидот отцениле дека, со оглед на нивото на дожд кое наврна деновиве, сите критични места се со нормално ниво, додека канализацијата на ниедно место не била излеана.

Екипите од ЈП Нискоградба, пак, имале бројни интервенциии на повеќе локации. Трајче Велјаноски, раководител на Одржување на фекална и атмосферска канализација, за причините кои на граѓаните им задаваат проблеми со излевањето на водите, напоменува дека има премногу вода во системот за фекална и атмосферска вода од 52 литри дожд на метар квадратен кои наврнаа во Охрид.

„Најкритично е во Далјан бидејќи колекторската станица е таму и не може да прими толку води. Работат две пумпи на најбрзо , но не можат да ги примат количините вода, има многу вода. Реките се надојдени и се сливаат големи количини вода надолу кон Далјан“.

Митко Темелковски од ЦУК , инфомира дека на телефонскиот број 195 имале само една дојава. Имале пријава за 4 поплавени станови во сутерен, на улица Пере Тошев во населбата Лескајца. Посочува дека причина за поплавата биле големите количини наврнат дожд и градежни проблеми. Според Законот за кризи, нивниот центар на локално ниво, има надлежност да воочува и препорачува мерки за спречување поплави и штети заедно во координација со Фондот за комунални дејности и Водостопанство. Прашавме дали навреме беа исчистени речните корита во есенскиот дел пред да почне врнежливиот период.

„Во есенскиот период општина Охрид распиша тендер и избра оператор кој вршеше чистење на реките Сушица и Грашница“.

На крајот од минатата година, општинскиот портпарол информираше за ТВМ дека во месец декември завршила тендерската постапка за избор на фирма која ќе ги чисти речните канали. При тоа не кажа дали во меѓувреме е нешто преземено за расчистувње на критични точки на речни корита кои при пообилни врнежи постојано создаваат проблеми. Од локалната информираат дека ЈП „Охридски комуналец“ редовно ги одржува и два пати годишно ги чисти речните корита.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top