• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Следната година во општина Охрид ќе се финансираат проекти за енергетска ефикасност и патна инфраструктура

Следната година во општина Охрид ќе се финансираат проекти за енергетска ефикасност и патна инфраструктура

Центарот за Југозападен плански регион поднесе  два регионални проекти за финансирање на приоритетни потреби за сите  9  општини. Од општина  Охрид се прифатени две проектни апликации за користење средства од Програмата за регионален рамномерен развој за 2021 година. Ќе се  реновираат апартмани на ЗГ Мобилност и реконструкција на ул. Јане Сандански . 

 |  Валентина Неловска  | 

Центарот за Југозападен плански регион поднесе два регионални проекти за финансирање на 9те општини од Програмата за рамномерен регионален развој. За 2021 година има на располагање средства во висина од 41 милион денари. Прифатени се проекти од 4 општини за подобрување на енергетска ефикасност на објекти и за 6 општини за подобрување на патната инфраструктура и економскиот развој. Од општина Охрид се прифатени по еден проект од двете области за користење средства од Програмата за регионален рамномерен развој, инфромира Мирјана Лозаноска, директор на Центарот за Југозападен плански регион. Меѓу кои е подобрување на енергетска ефикасност на сместувачки објект.

„Општина Охрид се јавува како поддршка, а се работи за реновирање на апартмани во сопственост на ЗГ „Мобилност“ од Скопје кое делува на целата територија на државата и ги користат лицата со посебни потреби. Општина Охрид е домаќин со локацијата на овие апартмани“.

Во областа за подобрување на патната инфраструктура и економскиот развој поднесен е проект за реконструкција на улицата Јане Сандански.

„Зафатот е од кружниот тек кај болницата до кружниот тек кај Гимназија. Во должина од 1087 метри ќе се прави гребење на асфалтот, нивелирање на тротоарите кои се подигнати од дрвјата и решавање на проблемот со одведување на атмосферските води, проблеми кои ќе се решат со овој проект“.

Прифатени се и проекти за финансирање на потребите и на другите општини меѓу кои Струга, Дебрца и Вевчани. Според нивните апликации ќе се финасираат реконструкција на задружниот дом во Требеништа во општина Дебрца, пешачката улица 27 ми Март во општина Струга и партерно ќе се уредува просторот пред детската градинка во општина Вевчани.
Од Центарот за Југозападен плански регион очекуваат целата процедура да заврши до средината на месец февруари идната година. Следува потпишување на договорите, а реализацијата на проектите вообичаено треба да биде завршена пред истекот на календарската година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top