Родителите, учениците и училиштето реализираа проект на две теми „Снегулка што среќа носи“ и „Писмата до Дедо Мраз“. Целта е со изработка на новогодишни декорации и пораки да се врати насмевката на детските лица во овие вонредни животни услови.
Во ОУ Григор Прличев заблеска Новогодишна волшебна атмосфера. На иницијатива на Советот на родители од школото се внесе празничен дух во училиштето за да ги развесели срцата на учениците. Сашко Георгиески, претседател на Советот на родители од ова училиште, информира дека проектот бил прифатен од родителите, учениците и раководството на училиштето и се реализирал за еден викенд. Во изработка на декорациите учествувале 330 деца кои заедно со помош на родителите во домашни услови изработиле над 600 снегулки. На приземје во училишниот хол поставени се снегулки и елка укрсена со бели и црвени лампиони, а ходникот на горниот кат е декориран со сијалички и на секоја врата се поставени детски пораки до Дедо Мраз. Изработени се новогодишни декорации и пораки на две теми „Снегулка што среќа носи“ и „Писмата до Дедо Мраз“.
„Симболиката околу снегулката е светла точка во ова пандемично време да направи убавина на долниот кат. На горниот кат со втората тема „Писмата на Дедо Мраз“ има симболика на едно детско гледање на Новата година и нивните искрени желби. Тука се пораките до Дедо Мраз и она што тие го чувствуваат, а не сакаме да биде така во ова време. Потребно беше да се направи една ваква празнична бајка барем за оние деца кои посетуваат настава од 1 до 3 одделение со физичко присуство“, вели Георгиески.
Ивана Маховска Шикалеска, директор на ОУ „Григор Прличев“ вели дека иницијативата била едногласно прифатена од сите членови на Советот на родители, но и од училиштето. Во ова време невреме сакавме да донесеме насмевка на детските лица, вели директорката. Очекувани беа нивните детски желби за подароци, но не` изненадија нивните нематеријани желби за животот да се врати во поранешниот тек.
„Имавме желби од типот „сакам оваа корона побрзо да заврши“, „сакам да сум повторно со целото одделение“,„ не сакам да се делиме во групи“, „ми недостасуваат учениците на одмор“, имавме и „сакам што побрзо да излезам надвор и слободно да дишам“.
Сашко Георгиески, претседателот на Советот на родители од ОУ Григор Прличев , инфромира дека се вклучиле и во хуманитарната акција на Културолошка иницијатива „5 до 12“ насловена како „Насмевни се, насмевка со насмевка се враќа“. Хуманитарната акција е наменета за хоспитализирани лица и деца, стари лица и социјално ранливи категории. Основците од 1 до 3 одделение од ОУ „Григор Прличев“ ќе донираат топли чорапи и чаши во кои ќе стават пораки и ќе упатат искрени детски новогодишни желби.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град