Пајак службата подига во просек и по седум возила дневно паркирани на недозволени јавни површини. Од ЈП Охридски комуналец посочуваат дека сообраќајната култура е на ниско ниво, а најчесто се узурпираат велосипедските патеки. За следната година се најавува набавка на ново пајак возило кое треба да стави ред во сообраќајната некултура.
Голем број сопственици на моторни возила ги паркираат колите каде што ќе најдат место или каде што им одговара. Со непрописното паркирање гo попречуваат движењето на другите учесници во сообраќајот и не водат грижа за почитување на сообраќајните правила за паркирање на дозволени места. Пајак службата е постојано на терен и се справува со несовесните возачи. Службата функционира во рамките на ЈП Охридски комуналец и работи секој ден, информира Љупчо Грданоски директор на јавното претпријатие. Во соработка со сообраќајната полиција и локалната самоуправа се надеваме дека ќе излеземе во пресрет на сообраќајната полиција која има големи проблеми при воведување ред при паркирањето на улиците, вели Грданоски.
„Локалната самоуправа направи доста обележани велосипедски патеки, но не е ретка појавата да гледаме на тие површини паркирани автомобили. Затоа целта е да се направи ред во сообраќајот со заедничка акција на ЈП, СВР Охрид, Локалната самоуправа. Ќе делуваме превентивно за граѓаните да внимаваат каде паркираат, да се подигне сообраќајната култура“
За подигнато возило со пајак службата сопственикот при преземање на возилото од ЈП треба да плати 2240 денари. Нашата цел како ЈП Охридски комуналец не e да обезбедиме дополнителни средства на претпријатието туку да се воведе ред во сообраќајната култура, вели Грданоски.
„Сообраќајната култура и паркирањето се дефинитивно на ниско ниво. Сега пајак службата користи едно возило. Со градоначалникот е договорено со буџетот за 2021 да се набави ново пајак возило кое побрзо ќе работи. Реално не е некој приход кој ни е од витално значење за да заработиме некој приход како ЈП од работата на пајак возилото. Целта ние да воведеме ред во сообраќајот да е подобро учеството во сообраќајот за велосипедистите и за пешаците“
Пајак службата подига во просек по седум возила дневно од места каде што сопствениците на возилата паркирале непрописно на јавни површини.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град