Повеќе Македонски здруженија на пациенти одржаа средба со Венко Филипче, министерот за здравство. Се дискутирало за враќањето на работа на хронично болните граѓани.
Македонските здруженија на пациенти денеска на средба со министерот за здравство, Венко Филипче ги изнесоа своите предлози за доследно спроведувањ на одлуката на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, хронично болните да се вратат на работа, а притоа да не се прават злоупотреби на системот.
Заеднички е ставот дека пациентите со хронични болести кои се со најголем ризик на смртност од КОВИД 19 и влошена здравствена состојба да останат и понатаму ослободени од работа. Но, за да го остварат ова право ќе треба да извадат боледување од докторот специјалист. Разговарано е да бидат вклучени и докторите специјалисти од приватни болници кои водат пациенти со хронични заболувања.
Исто така, побарано е да останат ослободени од работа и родителите на деца кои имаат високо ризични хронични заболувања, но и тие да извадат боледување од доктор специјалист. Дополнително ќе се одлучи за висината на платата која ќе се добива при користење на боледување. Да се обезбедат посебни термини на клиниките за да може да се направат контролни прегледи и да се издадат потврди. Да има втора смена на работа и е-амбуланти за да не патуваат пациенти кои се со влошена здравствена состојба. Фондот за здравствено осигурување да направи промена на правилникот за боледување, за докторите специјалисти да може да даваат месец дена боледување и автоматски да се продолжува боледувањето додека е потребно.
Станува збор за широка категорија и идеата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома, истакна министерот Филипче.
Хронично болните имаат рок до 23-ти септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.
Нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.
Присутни здруженија на состанокот беа Борка, Живот со предизвици, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, Нефрон, Хепар центар, Пеперутка, Алијанса на Пациентски Организации.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град