• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Охридскиот виолинист Ѓорѓи Петровски успешно ја гради кариерата на светските музички сцени

Охридскиот виолинист Ѓорѓи Петровски успешно ја гради кариерата на светските музички сцени

 Тој  утревечер ќе свири на Фестивалот Охридско лето на виолина Томазо Каркаси која датира од 1751 година. Неговиот исклучителен музички талент го препознала  Швајцарската фондација „Мањини“ и му ја доверила раритетната  виолина. Талентираниот виолинист ја добил во три етапи  на аудиции, во силна конкуренција на музичари од целиот свет.   

 |  Валентина Неловска  | 

Младиот музичар, охриѓанецот Ѓорѓи Петровски со голем успех ја гради својата виолинистичка кариера на светските музички сцени. Тој ќе настапува на Фестивалот Охридско лето на 21 август, в петок, со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Петровски на концертот ќе свири на виолина Томазо Каркаси која датира од 1751 година. Пред гостувањето на Фестивалот Охридско лето, Петровски ги сподели чувствата како е да се свири на свој терен и на еден инструмент стар 3 века. Раритетната виолина е сон за секој врвен музичар, а Петровски раскажува како Швајцарска фондација го препознала неговиот талент и му ја доделила виолината, во силна конкуренција на музичари од светот. За да му биде доделена поминал низ селекција од три етапи и свирел на три аудиции . 

„Задоволство ми е да свирам на овој инструмент Томазо Каркаси од 1751 година во Фиренца. Инстурментот ми е доделен од Швајцарска фондација Мањини. Особено ми е чест што ќе настапувам на Охридско лето со оваа виолина“. 

Петровски не го крие задоволството што учествува на Фестивалот Охридско лето, посебно во овие услови на пандемијата со Ковид 19. Напоменува, дека му е драго што ќе настапува со млади музичари од Камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, која што долго опстојува на македонската музичка сцена , а  ќе настапат со прекрасна и многу пријатна музика за слушење во Св.Софија. Раскажува и за неговиот студиски престој во Германија, за бројните настапи и идни планови.

Моментално студирам на Факултетот за Музичка уметност во Сарбрукен во Германија, таму сум втора година мастер. Особено ми е задоволство што имам часови со врвни уметници како што се Ханс Петер Хофман, Давид Гримал, Гордан Николиќ“.

Талентираниот и амбициозен Петровски, вели има многу планови на професионален план. Задоволство му  е што ќе има камерен концерт во септември, а за останатите планови се ќе зависи од развојот на корона кризата во која се наоѓаат и музичарите. Напоменува дека последното искуство му било со настапите на 6 концерти во Давос, Швајцарија. Настапувал и на музичките сцени во Виена, Берлин, Минхен, Стокхолм со неговото трио Антерос, а и на многу музички сцени во светот. Петровски,  нагласува дека посебно се радува на секое гостување дома, а не крие и дека му недостасува Охрид.

Ѓорѓи Петровски завршил основно мизичко училиште во Охрид, Музички факултет на Универзитетот Св .Кирил и Методиј во Скопје, магистрирал на Музичкиот универзитет во Сарбрукен, Германија. Петровски бил наградуван на меѓународни натпревари меѓу кои 1 место на Интернационален натпревар во Ниш, Србија и 3 место на натпреварот Охридски бисери. Бил финалист во 2019 во Германија на натпреварот Walter Gieseking.
Во неговото CV се забележани бројни музички настапи како што се со Филхаромијата на Луксембург, Младите симфоничари на Берлин, Новата филхармонија на Берлин. Во 2017 год имал музички настап како концерт мајстор на Тиролскиот Фестивал, а бил дел и од Фестивалот во Давос, Швајцарија, исто така, како концерт мајстор.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top