Експедицијата од 9 мината планинари од ПК Галичица со голем ентузијазам се искачила на највисокиот врв во Европа. Пред премиерата на филмот, денес неколкумина од нив со многу емоции споделија спомени од искачувањето на врвот Мон Блан.
Снимен документарен филм за првата охридска експедиција планинари кои пред 4 децении го искачиле највисокиот Европски врв Мон Блан. Филмот со наслов „Од Белото Езеро до Белата планина“ е посветен на охридските планинари Љупчо Поп Стефанија, Климе Волкан, Миле Битрак, Људмил Цветаноски, Андон Бојаџи, Владимир Тунтев, Владо Бојаџи, Кире Филев, Миле Бавчанџи. 9 мината планинарски ентузијасти, од ПК Галичица, во летото 1980 година, се упатиле кон целта да го искачат врвот Мон Блан. По претходни интензивни тренинзи, подвигот го извеле со оскудна опрема , но со голема љубов кон планината и природата, раскажува денес Љупчо Поп Стефенија, за храбриот подвиг на охридските планинари. Тој присетувајќи се на ризиците при искачувањето кажува дека по многу перипетии на врвот се искачил заедно со Миле Битрак, Климе Волкан и Људмил Цветаноски.
„Чувството на сите планинари е дека си дошол до некаква победа. Макар што природата не може да се победи, но тоа се однесува на самиот себе си да си докажеш дека си можел нешто да направиш нешто со таков потфат. При тоа имаше силни емоции, се гушкавме, запеавме“, раскажува за тие моменти Поп Стефанија кога стапиле на највисокиот врв во Европа“.
Елида Битрак, сопруга на еден од големите вљубеници во планините и учесници во експедицијата, планинарот Миле Битрак, споделува еден од многуте спомени.
„На качување почнале да му трпнат рацете и нозете. Немале соодветна опрема. Искачувајќи се така ги пресретнал искусен италијански планинар и му подарил специјални чорапи. Со нив се стоплил. И ден денес ги чуваме чорапите за спомен на тие моменти“, раскажува Битрак.
Људмил Цветаноски,вели Мон Блан не е наивна планина и многу животи на алпинистите трагично завршуваат од многу причини. Ние имавме напорни тренинзи иако немавме соодветна опрема. Планинарењето во тоа време не беше многу популарен спорт, но покрај личната сатисфакција се надеваме дека дадовме придонес да се развие овој спорт во Охрид , вели Цветаноски.
„Затоа ми е многу драго ако ние со нашето искачување, со мал дел инициравме да се развие планинарењето и има екипи во Охрид како што е денес екипата на Мартин Пејоски, Антонио Додевски, Мишко Танески и другите. Ако ние сме биле иницијатори за нивното искачување, нашата акција со искчување Мон Блан е успешна. Сме им дале на многу луѓе љубов за планинарењето и алпинизмот“.
Климе Волкан, вели дека планинарењето е тежок индивидуален спорт, кој исцрпува, но истовремено и оплеменува. Убавината на планината е посилна кога ќе ја доживеете и споделите со своите другари.
„Планината ако ја прецените ќе ја изгубите, но ќе ја изгубите и ако ја потцените. Јас сум против терминот освојува, планината не се освојува, таа е вечна, се освојува жена, но не и плананата, никако“, вели Волкан.
Идејата за документарниот филм е на Кирил Димоски-Гафиљ, човекот кој растел со приказните за овој несекојдневен потфат за да остане зачуван од заборав.
„Имам чест и задоволство сите членови на екпедицијата да ми бидат соствен дел од моето детство. Растен сум со слајдовите и приказните кои господата кои го освоија врвот сум ги слушал од нивното раскажување“.
Јане Стефаноски од „Супер радио“ вели дека идејата веднаш ја прифатиле и ја реализирале.
„Станува збор за еден настан за кој знаат малкумина, а особено помладите генерации. Се работи за една убава, автентична охридска приказна која заслужува да биде раскажана“ .
Сценариото и режијата за документарниот филм „Од Белото Езеро до Белата планина – 40 години подоцна“ е на Сашо Митаноски, зад камерата е Реџеп Селман, наратори се Даниела Спасиќ и Даниел Наумоски. Документарниот филм ќе биде премиерно прикажан на Регионална телевизијА ТВМ во недела 26 јули со почеток во 20 часот и 45минути.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град