Kорона вирусот ги замре сите културни случувања

 Од установата која годинава не доби средства за материјални трошоци  стравуваат со ребалансот на буџетот да не им бидат скратени доделените средства за проекти. Неизвесно е како ќе ја вратат публиката и како ќе се одвива културниот живот во Охрид понатака. 

 |  Валентина Неловска  | 

Стопирани се сите културни случувања во НУ Центар за култура Григор Прличев. Културниот живот е замрен не само на охридските две сцени туку насекаде во земјава. Заради корона вирусот нема театарски претстави и кино проекции. Од одобрените проекти помина само одржувањето на Прличевите беседи кои се одржаа пред почетокот на кризата, информира Горан Симоноски , додека другите проекти се стопирани. Центарот годинава не доби средства за материјални трошоци и сега стравуваат со ребалансот на буџетот да не им бидат скратени доделените средства за реализација на проектите.

„Ние сме институција која не располага со големи финансиски средства. Единствен извор што го имавме е од продажба на билети од театарски престави и кино проекции сме ускратени немаме приход и сме во тешка ситуација. Не само ние и другите во државата но се надевам полека ќе излеземе од кризата. Планот е да почниме со работа и за нас, за публиката и за актерите. Да ни дозволат проекти. Побарав од министерството доколку одлучат да ги кратат проектите да ги пренасочат средствата за другата година за да не изгубиме да работиме“, вели Симоноски. 

Под знак прашање се ставени не само одобрените театарски проекти за реализација туку и традиционалните културни манифестации кои се во организација на Центарот за култура. Станува збор за одржување на Охридските староградски средби во септември и Балканскиот фестивал во месец јули.

„Имав договор со едно од најреномираните ФД Бранко Крсмановиќ од Белград, фолклорни друштва од Хрватска и Бугарија, апликации од цел свет. Но се е стопирано и не знам што ќе се случи. Ако се отворат границите индивидуална ќе е одлуката дали ќе се согласат фолклористите да дојдат, владее страв“, вели Симоноски.

Ова зло што дојде не мора да го сопре културното живеење ние ќе преземеме се што ќе се препорача од надлежните институции за да ги заштитиме и вработените и публиката, почнувајќи од дезинфекција на просториите па до примена на сите останати мерки , додава Горан Симоноски , директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top