Резултатите ќе се знаат за еден ден, а официјално ќе бидат соопштени преку ресорното министрство. Термините за земање брисеви се закажуваат со мој термин со упат од матичните лекари. Тие преку телефонска анкета со пацентите одлучуваат дали треба да бидат упатени на тестирање.
Центарот за јавно здравје утрово започна со скрининг тестови кај пет лица за Ковид 19. Брисевите се земаат од грло и нос од страна на стручни лица од центарот соодветно опремени за оваа постапка, вели Сашо Точков, директор на ЦЈЗ.
„На пациентите кои претходно преку матичниот лекар добиле термин за да се изврши таа услуга доѓаат во центарот. Сите пациенти кои сметаат дека треба да се тестираат имаат симптоми или имале ризичен контакт треба да се јават кај матичниот лекар по телефон за да ги остават потребните податоци и да ја спроведат анкетата. Матичните лекари врз основа на проценката ги упатуваат овде“, информира Сашо Точков.
Лицата кои ќе прават скрининг треба да ја почитуваат патеката на движење до Центарот за јавно здравје и строго да ги почитуваат претходно издадените препораки.
„Оние кои треба да дојдат ако се сметаат за ризични би требало да седат во самоизолација. За да дојдат овде треба да дојдат со сопствено возило, најдобро сами со заштитна маска и ракавици за да се земе брис од грло и нос. Заштитата и препораките се јасни за сите“, вели Точков.
Центарот за јавно здравје е еден од 14 пунктови во земјава кои ресорното министерство ги одреди за скрининг на населението според бројот на заболените и епидемиолошките параметри. Во моментов во Охрид се евидентирани 2 лица заболени од корона вирус.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град