Тие најчесто се заглавени во бирократски и административни лавиринти. За донесување на урбанистички планови се чека и по неколку години.
Зоран Ногачески и Сашо Јанкоски, градоначалниците на Дебрца и Вевчани, споделуваат дека без урбанистичко планирање не е возможно планирање на економски развој на нивните општини. Користењето на сите средства било да се од Ипард програмите или од странски донатори паѓаат во вода без урбанистички планови, велат Градоначалниците.
Во овие две рурални општини доцнат изработките на Урбанистичките планови за населените места и најчесто се заглавени во бирократските лавиринти.
„Како забелешка да ставам дека постапките за носење на Урбанистички планови се долготрајни , имаме ситуација на започната постапка за донесување на УП за село во 2014 година , а денес сме 2019 година и не се донесени. Тоа е поради сложена и обемна постапка која се кочи во централните органи на власта“, вели Ногачески.
Слични искуства споделува и градоначалникот Сашо Јанкоски за развојот на Вевчани, чиј економски напредок во делот на туризмот, исто така зависи од донесување на Генералниот урбанистички план за ова место.
„Од 2014 година е почната изработката на ГУП. Се добило негативно мислење, урбанистичкиот план влегувал во заштитена зона и се добило негативно мислење од Министерството за животна средина. Пообемна е таа работа и треба многу дозволи од разни институции за да се добијат урбанстички планови. За секој проект ако нема УП не може да се конкурира. Ние имаме места надвор од УП и сакаме да изработиме опфат за УП за да градиме на атрактивни излетнички места, како кампови и други содржини за привлекување на туристи “, дополнува Јанкоски.
Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески се надева дека до крајот на годината ќе се завршат сите 11 урбанистички планови , 7 се завршени и остануваат за финиширање уште 4 планови. Очекува дека тоа ќе е во прилог на завршување на роектот за изградба на планинарскиот дом во селото Брежани.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град