• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Одгледувачите на свињи во охридско едуцирани како да се заштити добитокот од болеста африканска чума

Одгледувачите на свињи во охридско едуцирани како да се заштити добитокот од болеста африканска чума

Користат биосигурносни мерки препорачани од нивните матични ветеринари. Засега информации за мерката откуп на свињите имаат само преку медиумите. Од Агенцијата за храна и ветерина најавуваат пак , дека наскоро откупот ќе почне и во охридскиот регион.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските фармери на свињи се едуцирани како да го заштитат својот добиток од болеста африканска свинска чума. Од оваа пролет, од појават на болеста, интензивно посетувале едукативни семинари и добивале стручни совети од матичните ветеринари. Поголемите фарми имаат воведено биосигурносни мерки за да го заштитат добитокот. На влезовите од фармите има поставено дезинфекциони средства, добитокот е вакциниран, а не се дозволува присуство и влез на посетители.На фармерите сега не им е јасно и немаат доволно информации кога и како ќе се врши откупот на свињите како една од најавуваните мерки на Агенцијата за храна и ветерина во насока на заштита на добиоткот од болеста африканска свинска чума.

„ Деновиве почна најавениот откуп на свињите од индивидуалните фарми кај кои нема или не се запазени основните биосигурносни мерки. Досега се откупени над 200 свињи од струмичкиот регион, а најава за откуп во наредните денови има и од одгледувачи од другите региони. Целта на откупот е намалување на опасаноста од појава на болеста африканска свинска чума, но, водејќи сметка сточарите да не бидат оштетени и максимално да се искористи економскиот бенефит од преземањето и колењето на грлата, кажува Велика Атанасова, портпарол на АХВ.

Болеста е многу блиску, ја има во Бугарија, и неколку земји од регионот, поради што состојбата будно се следи, на дневна основа, инфрмираат од АХВ. Станува збор за болест која не е опасна за луѓето, но, е високо заразна за дивите и домашните свињи, брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Болеста не се лекува и за неа не постои вакцина, вели Атанасова. Охридските ловци, пак досега одстрелале една дива свиња која е дадена на испитување и кај неа нема наоди за присуство на болеста.

„ Покрај дивите свињи, најголема опасност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, се единките кои се одгледуваат во селските домаќинства кои одгледуваат по неколку единки свињи, претежно наменети за сопствена употреба. Според проценките на Агенцијата за храна и ветеринарство во земјава има од 15 до 18 илјади свињи кои најчесто во руралните средини се одгледуваат на екстензивен начин, односно кои не ги исполнуваат основните биосигурносни мерки кои треба да бидат имплементирани на фармите“, нагласува Атансова.

Според, спроведениот попис на свињарските фарми кој годинава го реализира Агенцијата за храна и ветеринарство, во земјава  се евидентирани 2.315 одгледувалишта на овој вид добиток со вкупно 125.230 свињи. Во Охридско- струшкиот регион според последниот попис евидентирани се 318 свињарски фарми со 1.319 единки.

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top