Одбележан Денот на Армијата

На прославата во Охрид беа претседателот на државата и командант на оружените сили Стево Пендароски и министерот за одбрана Радмила Шеќеринска. Членството во Алијансата е стратешки приоритет уште од почетоците на нашата независност кога беше донесена Резoлуцијата за влез на земјата во НАТО, рече во обраќањето Пендароски.

 |  Валентина Неловска  | 

Во Охрид се одбележа Денот на Армијата. На центрланата прослава при одбележување на 27 годишнината на македонската Армија присуствуваа воени претставници од Армијата, гости како и државниот врв предводен од претседателот на државата Стево Пендароски и Министерот за одбрана Радмила Шеќеринска. По повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, со потпишување на Преспанскиот договор, дојдовме на само еден чекор до исполнување на целта за која напорно работевме толку години , Република Северна Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО. Нашата армија, преку десетици ротации и учество на илјадници свои припадници беше и сeуште е дел од многу меѓународни воени мисии.

Покажувавме дека можеме да бидеме интероперативни со армиите на сите партнерски земји и да ги исполнуваме обврските со цел, придонес во колективните системи на одбрана и безбедност, рече во своето обраќање преседателот Пендароски при одбележување на 18 август Денот на Армијата.

„ Патот кон НАТО е изоден преку макотрпни реформи, лични вложувања и максимална посветеност на генерации и генерации припадници на вооружените сили. Мажите и жените кои служат во нашата армија и во администрацијата која работи за поддршка на исполнување на одбранбените реформи сите овие години покажаа капацитет, човечки интегритет и истрајност, дури и во моментите кога се намалуваше одбранбениот буџет и во периодите кога политиката нè оддалечуваше од членството во НАТО, рече Пендароски .

Ова е година кога се заокружува најзначајната етапа од нашиот пат кон Нато Алијансата, а при тоа условите беа различни од поволни до неповолни, кажа министерот за одбрана Радмила Шеќеринска на одбележување на 27 годишнината од Армијата.

„ И покрај сите препреки и потешкотии мисијата е успешно завршена. Силата која ја движеше и ја движи Армијата се нашите луѓе, мажи и жени. Сакам на сите старешини од сите чинови да им се заблагодарам кои придонесоа во оваа мисија“, рече Шеќеринска.

На 18 август 1943 година, на Славеј Планина бил формиран првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди Мирче Ацев. Формирањето на оваа прва голема воена формација е значајно и затоа, по прогласувањето на нашата независност, 18 август е избран како ден на современата македонска армија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top