Охрид доби етнолошка поставка преку која посетителите ќе имаат можност да се запознаат со минатото на градот. Во Музејот Куќата на Робевци се изложени облека, накит, покуќнина и предмети од 19 век. Покрај етнолошката поставка изложени се и археолошки предмети од најновите истражувања на Плаошник, Самоилова тврдина и Горна Порта.
За прв пат Охрид доби целосна етнолошка поставка во рамките на Музејот Куќата на Робевци. Збогатена е богата постоечка збирка од археолошки артефакти со над 700 предмети пронајдени со најновите археолошки истражувања на Плаошник, Самоилова тврдина и Горна порта. Покрај тоа акцент е ставен и на етнолошките предмети од минатото на градот. Презентирани се најатрактивни предмети и облека од 19 век. Изложена е облека изработена од кадифе и срма од периодот на Ала Турка и од Ала Франга од свила и тантела, пропратени со уникатен филигрански накит, но и предмети од покуќнина, информира за реализираниот проект Елеонора Новаковска директор на НУ Завод и Музеј Охрид.
„ Присутна е и селска соба со рабој, мало масиче, триножни столчиња, сите алати кои се користеле при изработката на разбој од 19 век. Сите експонати се во автентичен амбиент со мебел и резба, спална соба со ковчези, чеиз, рачни изработки и предмети за секојдневна употреба“, посочува Новаковска.
Посетителите сега ќе имаат можност преку етношолошите предемти да се запознаат со минатото на градот и животот на охриѓани пред скоро 2 века. Со збогатување на музејските поставки се очекува и зголемување на посетеноста на Куќата на Робевци. За тоа добар показател е посетеноста на туристите во месеците август и септември годинава кога се реализира поголема посета во споредба со истите месеци со години наназад, напоменува Новаковска.
„Со целосната поставка очекуваме во иднина и поголема посетеност, а во договорите со тур операторите, Музејот на Робевци да биде на листата објекти кои ќе ги посетуваат туристите кои доаѓаат во Охрид. Наназад година – две постојано пројавуваат интерес овој објект да се вклучи во туристичката понуда на градот,“ укажува Новаковска.
Музејот Куќата на Робевци покрај богатата археолошка поставка ја има и Златната соба.Во неа се изложени голем број на златни предмети пронајдени на археоелошките локалитети во Охрид. Музејот неколку години се реновираше со средства од Министерството за култура и сега со целосно обновен ентериер и осовременети поставки ги очекува бројните посетители
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град