Членовите на ДИК, за 18 месеци добиле 30 плати

Државната изборна комисија дури вчера ги објави главните документи за исплатата на бонуси – Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци.

 |   | 

Државната изборна комисија дури вчера ги објави главните документи за исплатата на бонуси – Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци. Пред два дена амбасадорот на САД Џес Бејли на предавање за корупцијата ги објави информациите за бонусите во ДИК, а вчера членовите на комисијата рекоа дека ќе ги вратат парите.

Според одлуката донесена на затворена седница на 16 ноември, членовите на ДИК си изгласале бонуси во висина од четири и две дополнителни плати.

Четири дополнителни нето исплатени плати добиле претседателот на ДИК Александар Чичаковски, заменик претседателот Реџеп Прекопуца, како и членовите на комисијата Атана Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Сабхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева. Членовите на ДИК Бедредин Ибраими и Асани Салија добиле дополнителни две нето исплатени плати во последниот месец. Вработените во ДИК и лани си поделиле слични бонуси. Три плати земале за закажаните, а неодржани избори во април 2016-та, пет бонуси за предвремените парламентарни избори и четири плати бонус за локалните избори.

Во Правилникот стои дека претседателот, заменикот и членовите на ДИК имаат право на бонус од пет дополнителни плати исплатени во претходниот месец, генералниот секретар, раководителите на стручните служби и административните службеници имаат право на три плати. За останатите ангажирани лица, според Правилникот, може да се исплати една нето плата.

На вчерашната отворена седница членовите на ДИК изјавуваа дека не направиле ништо незаконско и дека парите кои ги заслужиле со тешката и стресна работа. Тие сметаат дека бонусите се законити и целосно оправдани.

„Подготвен сум ако треба да дадам и оставка ако има каков било чекор надвор од Изборниот законик“, изјави Сашо Срцев.

Александар Чичаковски, претседателот на ДИК рече дека критиките се главно насочени поради недоволната транспарентност на комисијата во постапката за делење на надоместоци за изборите и додаде дека ќе бидат разгледани сите правни можности надоместоците да се вратат или во буџетот или да се донираат.

Информацијата дека членовите на ДИК земаат големи бонуси ја обелодени амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли на предавањето кое го имаше пред студентите на Факултетот за безбедност, а поврзано со корупцијата.

Според Правилникот лицата кои се ангажирани во општинските изборни комисии со над 130 општински избирачки одбори земаат и највисоки плати – претседател на општинска изборна комисија добива 60.000 денари, неговиот заменик 55.000 денари, а секретарот добива 50.000 денари. Во општините со помалку одбори платите се намалуваат.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top