Рокот за поднесување на кандидатските листи за Локалните избори 2017 завршува денеска на полноќ.
До општинските изборни комисии (ОИК) од пред неколку дена групи избирачи и партиите почнаа да ги доставуваат кандидатските листи, иако голем дел од лицата за кои граѓаните ќе се изјаснуваат се веќе објавени.
ОИК во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик.
Поднесувачите на листите на кандидати имаат рок од 48 часа да ги отстранат неправилностите, а ОИК ги потврдува со решение. Листите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот и доколку од нив не се отстранат констатираните неправилности ќе бидат отфрлени. Потврдените листи на кандидати ОИК треба да ги достави до Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 16 септември заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати. Според Роковникот за изборни дејствија, жрепката треба да се одржи на 18 септември.
Најдоцна до 21 септември ОИК ги објавува листите на кандидати за членови на совет и за градоначалник, а во оние општини во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се објавуваат покрај на македонскиот и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.
Четиринаесетти септември е и последниот рок за објавување на описите на избирачките места по општини утврдени со Изборниот законик.
ДИК денеска ќе го достави Избирачкиот список до политичките партии кои во рок од пет дена до Комисијата треба да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци. Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегуваат од јавниот увид, опечатен во изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември. Заклучениот Избирачки список ДИК го потпишува најдоцна до 29 септември.
На 16 септември ДИК ќе ја спроведе жрепката за рекламните паноа и билборди за политичко рекламирање.
Шестите локални избори се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град