Со цел безбедно учество во сообраќајот и избегнување на сите непријатности кои се последица од пеколно високите температури, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со препораки до учесниците во сообраќајот кои секојдневно се дел од урбаниот сообраќаен метеж.
Од РСБС апелираат доколку не постои неодложна потреба, да се избегнува патување во оној дел од денот кога температурите се највисоки. Вообичаено, во периодот од 12 до 16 часот се најголемите температурни шокови и затоа од советот апелираат за навремено извршување на тековните обврски и апстиненција од учество во сообраќајот во наведениот период. Ова посебно се однесува за повозрасните пешаци и за велосипедистите.
Да се избегнуваат температурни шокови кои се последица на температурните разлики. Задолжително при влегување или излегување од возилото да се направи постепена аклиматизација и температурно прилагодување и постепена адаптација. Наглите промени на температурата можат да предизвикат здравствени проблеми кај возачите кои сериозно може да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.
Возачите, а посебно пешаците и велосипедистите да консумираат повеќе течности и да прават почести паузи. Да не се вози слалом, да не се пристигнуваат колони со возила и пешаци затоа што на тој начин се загрозува безбедноста во сообраќајот, а исто така дополнително се зголемува сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот.
Возачите да покажат повисоко ниво на толеранција кон пешаците и велосипедистите и согласно сообраќајните правила и прописи секогаш и навремено да им отстапат право на преминување.
Да се почитуваат правилата за ограничување на брзината затоа што со брзо возење и неправилно престигнување, особено во урбана средина со густ сообраќај, освен што ќе се загрози безбедноста во сообраќајот и ќе се прекршат сообраќајните правила и прописи, нема да се овозможат услови за побрзо пристигнување на посакуваната дестинација.
Во вакви услови, особено важно е возачите и другите учесници во сообраќајот да ја зачуваат присебноста, да бидат сигурни и самоуверени и смирено да ги следат сообраќајните знаци и да се однесуваат согласно правилата и прописите во сообраќајот.
Топлото време и високите температури влијаат на соопирачкиот пат на возилото, поточно го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото. Затоа неопходно е да се држи безбедно растојание меѓу возилата и да се почитуваат ограничувањата за брзината.
Високите температури предизвикуваат пад на концентрацијата, дефокусираност и нервоза кај сите учесници во сообраќајот. За безбедно учество во сообраќајот во услови на високи температури неопходно е меѓусебно почитување и дополнителни напори и посветеност на случувањата во сообраќајот од страна на сите учесници во сообраќајот.
За безбедно учество во сообраќајот, без разлика на високите температури и изложеноста на надворешните влијанија, сите учесници во сообраќајот, вклучително и пешаците и велосипедистите, секогаш мора да ги почитуваат и да се однесуваат согласно сообраќајните правила.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град