Ел класико ја одредува судбината на Роналдо и Бенитез?

Реал Мадрид ја дочекува Барселона во најголемото дерби на светскиот фудбал

 |  инфодеск  | 

Рафаел Бенитез одлучно ги демантираше шпекулациите на шпанските медиуми дека главните играчи на Реал побарале состанок пред Ел класико и побарале промена на тактиката и стилот на игра, за кои се мисли дека е премногу одбрамбен.

“Тоа е лага. Дваесет години ги тренирам екипите на ист начин и не планирам тоа да го менувам”, порачал Бенитез на кого опасно му се тресе клупата. Во шпанските медиуми наголемо се шпекулира дека ќе добие отказ ако го загуби најважниот натпревар во првиот дел од сезоната.

“Сакам како и сите во клубот да ја победиме Барселона и да останеме во трката за титулата”, вели Бенитез елегантно заобиколувајќи ја темата за можно заминување во случај на пораз.

По уверливото влегување во сезоната, повеќе со играта отколку со резултатите, Бенитез нема право на грешка, а дури ниту реми нема многу да ја измени состојбата. Флорентино Перез го чека расплетот од Ел класико и наводно веќе припремил замена ако работите тргнат по несакан тек.

Од друга страна Луис Енрике и неговата Барселона пристигнуваат во Мадрид во многу поконфорна состојба. Барселона нема притисок како Реал и јасно е дека никогаш не е добро да се изгуби во најголемото дерби, но и ако се случи пораз нема паѓање на глави. Енрике влезе во новата сезона со голем кредит на трикратна круна од претходната сезона а сега има три бода повеќе од Реал, иако го немаше на располагање најдобриот играч Лионел Меси кој се очекува да заигра барем едно полувреме. Од Енрике се очекува да го повтори концептот од Висенте Калдерон кога Меси влезе во игра и направи пресврт на теренот кој резултираше со победа на Барселона.

Како и секогаш во последните години во центарот на вниманието се Роналдо и Меси. Тоа ќе биде 24-ти судар на двете најголеми ѕвезди на Ел класико. Меси има 11 победи, а Роналдо 6. Двајцата погодиле по 15 голови. Меси во сите натпреварувања, настапил во 30 Ел класика погодувајќи 21 пат и е голгетерски рекордер во најголемото дерби со три гола повеќе од славниот Алфред Ди Стефано.

Многумина веруваат дека Роналдо со партијата во Ел Класико ја одредува својата судбина во Реал. Ако одигра уште еден потпросечен натпревар во низа тоа ќе биде конечен доказ дека тој со главата не е во Мадрид повеќе и логично е да се очекува разделба со Реал. Ако пак пружи спектакуларен натпревар ќе има нов бран на еуфорија меѓу навивачите на Реал кои во последно време присакуваат негово заминување.

Веројатни состави:

Реал Мадрид:  Навас – Карвахал, Варан, Рамос, Марсело – Модриќ, Касемиро, Крос – Бејл, Бензема, Роналдо.

Барселона: Браво – Алвес, Пике, Метју, Алба – Роберто – Бускетс, Маскерано – Меси, Суарез, Нејмар.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top