• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Струга
  • Холандски веб портал со статија во која се вели дека холандски туристи лежат болни во нивните хотелски соби

Холандски веб портал со статија во која се вели дека холандски туристи лежат болни во нивните хотелски соби

Холандски веб портали денес ја пренесоа веста за дваесетина холандски туристи кои престојуваат во струшкиот х.Изгрев, а кои се пожалиле на симптоми на повраќање и дијареа.

 |  инфодеск  | 

„Многу холандски туристи, на Охридското Езеро во Македонија, лежат болни во нивните хотелски соби, место да уживаат покрај базен или на плажа. Неколку лица се згрижени во болница.“ Вака започнува написот во холандскиот весник „Телеграф“. Во статијата во која амстердамскиот весник се повикува на извесна Рина топ Брауер, која престојува во хотелот Изгрев спа и аквапарк, пишува дека холандски туристи, се пожалиле на вирус со симптоми повраќање и дијареа.  Во статијата поместена е и изјава на извршниот директор на Корендон, кој вели дека дваесет холандски туристи кои преку овој тур-оператор пристигнале во хотелот, биле болни, но тој не можел со сигурност да каже која е причината. Се обративме до општата болница Струга за да ги провериме наводите во холандските весници.

Во струшката болница не бил примен или задржан на лекување ниту еден турист. Директорот на болницата Ментор Ибраими не упати за повеќе информации да се обратиме до Брзата помош. Екипи на брзата помош имале дојава за интервенција во хотелот Изгрев. Началникот, Ѓерѓи Тергов за ТВМ вели дека синоќа биле прегледани две лица, а денеска десет. Сите туристи се жалеле на симптоми гадење и дијареа кои упатуваат на стомачен вирус кој што е многу чест во летниот период. Д-р Терков додава дека ниедно од лицата не било преупатено на болничко лекување и дека била дадена ампуларна и таблетарна терапија. Сите лица биле во стабилна општа здравствена состојба. Началникот на брзата помош вели дека 80 проценти од интеревенциите во летниот период се однесуваат токму на вакви стомачни вируси. Коментар за овој случај побаравме и од официјалните лица на хотелот Изгрев. Од таму велат дека туристите кои добиле лекарска помош и биле прегледани не биле само гости од нивниот хотел.

Во однос на написите во холандските медиуми, дека станува збор за мистериозен вирус од кој била зафатена поголема група на холандски туристи, од хотелот Изгрев велат дека станува збор за преувеличување на она што е вистинската состојба поради фактот дека станува збор за туристи кои летуваат надвор од Холандија. Претпоставуваат дека станува збор за стомачен вирус, што според нив е нормална реакција на промена на клима и патување во друга земја. Оваа статија која ја презеле и голем број други холандски портали,  доаѓа во екот на туристичката сезона, и се однесува на туристите од Бенелукс кои се наша главна таргет група во инкаминг туризмот за охридско-струшкиот регион.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top