Шприцеви, игли, шишиња од алкохол, срчи и еден куп ѓубре, кријат неколкуте руинирани објекти кои се оставени на забот на времето во Охрид. Таквите локации веќе се детектирани и познати на надлежните како критични места, собиралишта на наркозависници.
Стариот отпад, поранешниот „ Тафтинг“ кај чинарот во Горна влашка маала, карабината до управната зграда на Општата болница и поранешниот објект на МРТВ зад скалестата зграда, објектот на стариот авто-сервис на улицата „ Кленоец“ , се само дел од критичнте места каде најчесто се собираат наркозависници и препродавачи на опијати.
Граѓаните постојано реагираат, се жалат до надлежните и велат дека стравуваат за своите деца бидејќи секојдневно играат пред ваквите места. Навечер, пак, од таквите локации се слушале страшни викотници кои често ги вознемирувале. Ако не дојде полиција навечер не се спие, велат ѓраѓаните. Многу пати се обиделе да ги избркаат групите, но без успех, истите повторно доаѓале до раните утрински часови. Од СВР Охрид велат дека борбата за сузбивање на нарко криминалитетот и на идентификување на наркозависниците е постојана. Како што нагласи портпаролот Стефан Димовски, полициските инспектори ги имале лоцирано сите места каде што имало помало или поголемо собирање на наркозависници и тие места биле мета на постојана оперативна обработка на инспекторите.
Стефан Димовски – портпарол на СВР Охрид: „Било во ноќните саати или во текот на денот овие места постојано се контролираат. Ние во секоја прилика кога ќе затекнеме лица кои и се познати на службата ги преземаме нашите овластувања и во случај кога има оправданост се делува реактивно односно се одземаат пронајдените наркотични средства и аналогно на тоа се поднесува кривична соодветна пријава од страна на службата“.
На почетокот на јули месец годинава во Локалната самоуправа се одржа состанок на претставници на секторите за образование, комунални дејности при Локалната самоуправа, одделот за превенција при СВР, урбаните заедници и дел од невладите организаци. Еден од заклучоците беше, местата каде што се собираат наркозависници со заедничка координирана акција на повеќе субјекти, да бидат под засилен мониторинг и превентивно да се делува на отстранување на оваа потенцијална опасност за младите луѓе. На средбата било договорено за кусо време да се организираат состаноци со сопствениците на напуштените објекти и со граѓаните кои живеат во нивна близина, но како што информираат од Секторот за Комунални дејности такви средби сеуште не биле реализирани. Од таму велат дека се очекува на почетокот на месец август да се организира уште еден ваков состанок со задолжително присуство на сопствениците на објекти на критичните места, за преземање на конкретни мерки согласно законските нормативи.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град