Најкомплексната трагедија на Вилијам Шекспир, „Антоние и Клеопатра“, вечерва, премиерно, на фестивалот Охридско лето ја носи Битолскиот народен театар. Во превод на Драги Михајловски оваа театарска претстава првпат ќе се изведува на македонски јазик а е во режија на нашиот пријател и гостин од Америка, од Санта Барбара, Калифорнија, Џон Блондел, вели директорот на театарот Благој Мицески. Битолскиот театар традиционално учествува на фестивалот, но годинава на 55-то издание прв пат настапуваат на сцената Долни сарај, од која се воодушевени.
Благој Мицески – директор на Битолски театар: „Прв пат сега играме на оваа локација која синоќа на нашата генерална проба се покажа како извонредно место за претставата која што сакаме да ја прикажеме“.
„Антоние и Клеопатра“ ги прикажува опојните ефекти на моќта и копнежот, хронолошки ги запишува сеизмичките поместувања кои се случуваат во поголем дел од цивилизираниот свет, вели режисерот Џон Блондел. Шекспир ja напишал оваа голема трагедија во 1606 година, како последна од низата четири трагедии што ѝ претходеле: „Отело“, „Крал Лир“ и „Макбет“. Многумина, меѓу кои и самиот режисер, ја сметаат „Антоние и Клеопатрa“ како најтешка драма, но истовремено и како највозвишено уметничко достигнување на Шекспир.
Џон Блондел – режисер: „Моравме да ја намалиме претставата, сижето да се намали и се сконцентриравме на улогите на Антоние и Клеопатра и на Аурелие Цезар. За жал вечерва во Охрид нема да можеме сцената да ја направиме како што беше во Битола бидејќи таму имаше ротирачка сцена со огледала одозгора за жал тоа вечерва нема да биде. Но сметам дека никако нема да биде претставата поради тоа“.
Секоја глумица би посакувала да го игра ликот на Клеопатра, вели главниот лик, актерката Валентина Грамосли. Таа на Охридско Лето добитник е на Залатната маска за улогата во премиерата „Медеја“.
Валентина Грамосли – актер: „Пред 20 години исто на Охридско Лето ја изведовме нашата премиера „Ромео и Јулија“ првите Ромео и Јулија бевме јас и мојот колега Петар Горко и вечерва пак ние се јавуваме во улогите на Антоние и Клеопатра“.
Актерите од Битолскиот театар ветуваат добра претстава која ќе биде незаборавно доживување за публиката која вечерва ќе дојде на сцената на Долни Сарај, во 21 часот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град