Фудбалската репрезентација на Аргентина на импресивен начин се пласира во финалето на Копа Америка откако во полуфиналето го декласира Парагвај со 6-1.
Головите за Гаучосите ги постигнаа Маркос Рохо (15), Хавиер Пасторе (27), Анхел Ди Мариа (47,53), Серхио Агуеро (80) и Гонзало Игуаин (83), додека стрелец за Парагвај беше Лукас Бариос (43). Лионел Меси повторно не се запиша во листата на стрелците, но беше еден од најдобрите играчи на натпреварот.
“Беше тоа наш најдобар натпревар на првенстовто. Не постигнувавме голови бидејќи не игравме добро. Но, против Парагвај сѐ си дојде на место. Беше одлично”, рекол Лионел Меси кој во дресот на аргентинската репрезентација од игра не постигнал гол повеќе од 900 минути.
Аргентина на патот до полуфиналето во четири средби погоди само четири пати, но против Парагвај екипата на Жерард Мартино буквално експлодира.
“Конечно одигравме како што треба. Сѐ функционираше како што треба и видовте како заврши”, додаде селекторот Мартино.
Аргентина во финалето ќе игра со Чиле кој во понеделникот го победи Перу со 2-1. На Аргентина ова ќе ѝ биде 27 финале, а до сега славела 14 пати на Копа Америка, додека Чиле во досегашните четири финалиња запишал четири порази.
Финалето е на распоред на 4 јули, а ден пред тоа Перу и Парагвај ќе играат за трето место.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град