Голден Стејт Вориорс станаа првата екипа по Чикаго Булс од 1991 година која до шампионскиот наслов стигна без ниту еден играч кој веќе играл во НБА финале, а Стив Кер е првиот тренер во историјата на НБА кој стигна до трофејот во првата сезона на клупата на некоја НБА екипа.
И во шестиот натпревар екипата која во доигрувањето влезе со најдобар учинок (67-15) го оправда тој статус, имајќи предност од самиот почеток па до крајот на натпреварот. До новата 83 победа во сезоната Вориорси ги предводеа со по 25 поени најкорисниот играч во сезоната, Стефан Кари, и 31 годишниот ветеран Андре Игудала кој е прогласен за најкорисен играч во финалето, иако тој трофеј го заслужи и Леброн Џејмс.
Лидерот на Кавалирси и во шестиот натпревар имаше учинок од 32 поени, но не успеа да најде доволно расположени соиграчи за победа со која одлуката за првак во НБА би била одложена до седмиот натпревар.
На Вориорси ова им е четврта титула во историјата на клубот, а втора откако се преселија во Калифорнија од Филаделфија. Освен оваа сезона, прваци биле и во 1947, 1956, и 1975 година. Кливленд ниту во своето второ финале не успеа да дојде до првата шампионска титула. Леброн Џејмс го предводеше тимот и во 2007 година кога во четири натпревари не успеаа да го совладаат Сан Антонио.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град