Центристичката партија Напред (Кадима) на израелскиот министер за надворешни работи Ципи Ливни победи на вчерашните парламентарни избори во Израел.
Центристичката партија Напред (Кадима) на израелскиот министер за надворешни работи Ципи Ливни победи на вчерашните парламентарни избори во Израел.
Според 99 отсто преброени гласачки ливчиња, Кадима освоила 22,9 отсто од гласовите, додека нејзиниот главен ривал, конзервативната партија Консолидација (Ликуд) на поранешниот премиер Бенјамин Натанјаху добила 21,8 проценти.
Врз основа на нецелосните резултати, Кадима во идниот состав на Кнесетот ќе има 28 пратеници, додека Ликуд 27. На трето место се пласира екстремно десничарската партија Нашиот дом Израел (Израел Бејтену) на Авигдор Либерман со освоени 15 пратеници, додека четврта е Лабуристичката партија (Авода) на министерот за одбрана Ехуд Барак, која во идниот парламентарен состав ќе има 13 пратенички места.
Мандати во 120-члениот Кнесет обезбедија и десничарската религиозна Светска сефардска асоцијација на чуварите на Тората (Шас), која освои 11 пратеници, коалицијата составена од комунистичкиот Демократски фронт за мир и еднаквост (Хадаш), Обединетата арапска листа (Раам) и арапската Национална демократска алијанса (Балад) – 11, десничарскиот блок Национален сојуз – Еврејски дом – 7 и социјалдемократското Ново движење (Мерец) – 3.
По објавувањето на првичните изборни резултати Ливни прогласи победа на нејзината партија, најавувајќи дека таа ќе биде идниот израелски премиер.
„Денеска народот ја избра Кадима… Ние ќе ја составиме следната влада, предводена од Кадима“, потенцира Ливни.
Таа го повика Нетанјаху и неговиот Ликуд да биде дел од идната „влада на националното единство“, предводена од неа.
Но, Нетанјаху од своја страна изјави дека Ликуд освоила доволно гласови на изборите за да формира мнозинство во Кнесетот, нагласувајќи дека тој, со „божја помош“, ќе биде идниот премиер на Израел..
Либерман, чија партија по овие избори стана трета политичка сила во Израел, изјави дека Израел Бејтену би можела да формира коалициска влада и со Кадима и со Ликуд,
„Ние не исклучуваме никого, рече Либерман, додавајќи дека сепак „неговото срце сака“ Израел да добие „националистичка влада“.
Централната изборна комисија денеска треба да ги објави целосните, а најдоцна до 18 февруари и конечните резултати од изборите, по што ќе започне процедурата за избор на нова влада.
Согласно Уставот, израелскиот претседател го избира мандатарот за состав на новата влада, кој по традиција е лидерот на најбројната партија во Кнесетот. Мандатарот по ова има рок од 42 дена да формира Влада, која ќе добие доверба од Парламентот. Доколку не успее во тоа го враќа мандатот и шефот на државата прелага нов мандатар.
Во историјата на Израел досега ниту една партија самостојно немала мнозинство во Кнесетот и сите израелски влади биле коалициски.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град