За угостителскиот еснаф утрешниот состанок прв тест за активно учество.
Новиот претседател на здружението на угостители „Охридски еснаф“, Михаил Мишев вели дека во претстојниов период ќе прави напори да создаде што е можно поорганизиран еснаф. Во нивната програма е зацртано што поголемо активно учество на сите субјекти од областа на туризмот и угоститеството, за да имаат поорганизиран настап пред институциите.
Не е за занемарување уделот на угостителството врз економскиот развој на градот, нагласува Мишев. Додава дека нивна цел ќе биде и квалитативно и квантитативно учество на еснафот во градење на таа слика за Охрид. Претстојни цели ќе бидат добивање на советодавна улога на еснафот во економскиот живот на градот и соработка со институциите, вклучувајќи ја и Локалната самоуправа.
„ Поддршката од Локалната самоуправа би се побарала за прашања кои го тангираат угостителството на ниво на градот. Би било добро со Локалната самоуправа и факултетот за туризам и угостителство да се направи содејство како би излегле во пресрет на потребите колку што е можно поорганизирано и попрофесионално.“
Здружението има намера да остварува контакти со здруженија од градот и институции на системот. Еснафот не сака да се спротиставува на институциите, туку со заедничко содејство да се направи подобар економски развој на градот.
„ Очекуваме тесно содејство со факултетот за туризам и угостителство. Би ни била важна нивната професионална помош во однос на подобрување на квалитетот на угостителските услуги во градот. Таквото содејство би имало позитивни ефекти кога членството на еснафот би било колку што е можно поголемо.“
Првиот тест на членството кое ќе го покаже расположението за активно вклучување во работата на еснафот ќе биде утрешниот состанок. Утре напладне во општинската сала е закажан состанок на угостителите со новото раководство. Сега на потег се околу 200 потенцијални субјекти од областа на угостителството и туризмот. Сите со своите мислења може да дадат придонес за поуспешно работење, порачува Михаил Мишев, претседателот на здружението „Охридски еснаф“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град