Златото од секогаш важело за највреден метал и една од најсигурните инвестиции во кризните времиња, но неговата количина на Земјата е сепак ограничена.
National Geographic истражува што би се случило кога би го истопиле целото злато на светот и колкава би била коцката што би можела да се направи од него.Кога некој би успеал да го направи тоа, и да го стопи во една златна коцка, таа не би била ни стотина кубни метри.
Ворен Бафет, еден од најбогатите инвеститори на светот, вели дека вкупната количина на златото над површината на Земјата може да се собере во коцка која би имала должина на страните од само 20 метри. Но, дали е тоа сето злато што постои, и ако да, како можеме тоа да го дознаеме?
Бројката што ја користат инвеститорите ширум светот доаѓа од компанијата Thomson Reuters GFMS која спроведува годишни истражувања за резервите на злато ширум светот.
Според нивните последни истражувања, на светот постојат 171.300 тони злато – што речиси идеално се вклопува во пропорциите на коцката што ја спомнува Бафет. Коцката направена од 171.300 тони злато би имала должина на страните од околу 20,7 метри.
Но, не сите се сложуваат со податоците на Thomson Reuters, па има проценки кои варираат од 155.244 тони (што е малку помалку од информациите на Thomson Reuters), па се до речиси 16 пати повеќе, односно 2,5 милиони тони. Ако таа поголема бројка е точна, од златото може да се направи коцка со должина на страните од 50 метри, или еден голем златен столб со височина од 159 метри.
Една од причините зошто бројките толку многу се разликуваат е бидејќи златото се ископува многу долг период, односно според мислењето на историчарот Тимоти Грин, повеќе од 6.000 години.
Првите златни монети се исковани околу 550 година пред нашата ера за времето на владеењето на Крез, последниот крал на античка Лидија, провинција во денешна Турција. Овие монети бргу станале главен начин за плаќање на трговците и платените војници во Медитеранскиот регион, а поради богатството на кралот, во многу јазици се уште постои изреката „богат како Крез“.
Според проценките, во периодот до 1492 година, кога Колумбо тргнал кон Америка, биле извадени околу 12.780 тони злато.
Џејмс Турк, основачот на компанијата Gold Money и инвеститор кој ги проучувал истражувањата во оваа област, смета дека тие бројки се серија на преценети податоци. Тој верува дека примитивните техники на ископување на злато, кои биле во употреба се до Средниот век, овозможувале многу помали количини на финален производ, па според тоа реалната бројка изнесува само 297 тони злато. Неговата проценка за вкупната количина на злато во светот изнесува 155.244 тони злато, што е околу десет проценти помалку од проценките на Thomson Reuters.
И покрај тоа, голем број експерти сметаат дека оваа бројка е премногу мала. Причината за тоа ја гледаат во податоците кои не се земени во предвид – на пример, ковчегот на Тутанкамон содржи 1,5 тони злато, а голем број гробници се отворени и ограбени пред историчарите да стигнат да го документираат тоа злато. Исто така, Кина не ги открива точните бројки на тоа колку злато поседува и колку злато ископува секоја година, а во некои земји како Колумбија постои и многу илегално ископување.
Според проценките на организацијата Gold Standard Institute, кога би се испразниле сите банки и сите кутии со накит, би се собрале околу 2,5 тони злато, иако и оваа бројка е тешко да се потврди.
Точната бројка на вкупното злато е многу тешко да се одреди, бидејќи сите податоци се базирани на проценки, па можно е сите бројки да се далеку од вистината.
Добрите вести се дека светот нема наскоро да остане без злато, бидејќи според проценките на американското геолошко друштво, на веќе познатите наоѓалишта остануваат уште околу 52.000 тони злато што треба да се ископа, а можно е да бидат откриени уште наоѓалишта.
Интересен податок е и тоа дека златото всушност се рециклира, а целото злато кое некогаш било ископано, и денеска се наоѓа во употреба, што значи дека ако имате златно ланче или златен прстен, постои голема можност, дел од златото да го ископале старите Римјани пред 2.000 години.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град