Авионската несреќа кај Перм не е терористички напад

Сите патници и членови на екипажот загинаа во авионската несреќа што се случи вчера кога авион Боинг 737 се урна во близина на рускиот град Перм, во планинскиот регион Урал, изјави портпаролот на руското Министерство за вонредни ситуации Ирина Андрианова.

 |  Крсте Голабовски  | 

Сите патници и членови на екипажот загинаа во авионската несреќа што се случи вчера кога авион Боинг 737 се урна во близина на рускиот град Перм, во планинскиот регион Урал, изјави портпаролот на руското Министерство за вонредни ситуации Ирина Андрианова.

Во авионот имало 82 патници и пет членови на екипажот. Меѓу патниците имало седум деца, од кои едно бебе. Авионот на „Аерофлот-Норд“ летал од Москва за Перм.

Андрианова изјави дека авионот полетал од Москва во еден часот и десет минути по московско време. По два часа, кога примил потврда за слетување во Перм, врската на контролорите за летање со пилотската кабина била изгубена, кога авионот бил на височина од 1.800 метри.

„После тоа авионот бил пронајден урнат во околината на градот, но во ненаселена област, при што се избегнати жртви на земја“, додаде портпаролката.

При ударот со земјата авионот експлодирал. На местото на несреќата пристигнале противпожарните и спасувачките екипи. Пожарот е локализиран.

 

Од Москва се подготвува да полета военотранспортен авион со спасувачки екипи на Министерството за вонредни ситуации, кои ќе учествуваат во спасувачките операции во Перм.
Руските медиуми јавија дека седумнаесет странски државјани од Франција, Германија, Украина, Азербејџан, Турција и САД се наоѓале во Боингот 737 на Аерофлот-Норд.

Рускиот претседател Дмитриј Медведев бил информиран за трагедијата од Сергеј Шојгу, министерот за вонредни ситуации.

Претседателот на Истражната комисија при руското Генерално обвинителство Владимир Маркин соопшти дека во врска со катастрофата е покренат процес за нарушување на правилата на безбедност на летовите.
Авионот Боинг 737 со 87 луѓе бил сопственост на филијала на рускиот авиопревозник „Аерофлот“. Тој се урна во пределите на градот Перм, во Урал, околу 3.40 часот по локално време.

На местото на несреќата со рускиот авион била пронајдена една од црните кутии на авионот. Таа веќе е испратена во лабораторија за анализа, за да се утврдат причините за несреќата.
Роднините на жртвите се собираат во домот на културата во Перм, кој е блиску до локалниот аеродром.

Рускиот министер за транспорт Игор Левитин изјави дека специјалните служби не откриле ништо што би упатувало на терористички напад во авионската несреќа на „Боингот 737“ во Перм.

„Немаме информации дека авионот експлодирал во воздух. Според првичните информации авионот бил технички исправен. Утре ќе биде испратен на истрага. Дешифрирањето на црната кутија може да трае три до четири недели. Авијациската комисија ќе ги разгледа сите верзии за тоа што се случи,“ рече Левитин.

Претседателот на истражниот комитет при руското Јавно обвинителство Александар Бастрикин во меѓувреме изјави дека според првичните информации, несреќата била предизвикана од пожар во десниот мотор на авионот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top