Милибанд прoтив нова „студена војна“

Еден ден по руското признавање на независноста на отцепените грузиски области Абхазија и Јужна Осетија, западни земји ја предупредија Русија да не се враќа во ерата на „студената војна”.

 |  Крсте Голабовски  | 

Еден ден по руското признавање на независноста на отцепените грузиски области Абхазија и Јужна Осетија, западни земји ја предупредија Русија да не се враќа во ерата на „студената војна”.

Францускиот претседател Саркози го опиша решението на Москва како неприфатлив обид за менување на границите а Германија побара целосно спроведување на прекинот на огнот меѓу Русија и Грузија.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибанд, при посетата на Украина, ги повика западните земји да си ги преиспитаат односите со Русија. Тој воедно ја повика Русија да не почнува нова „студена војна”.

Еден ден откако Москва ги призна двете отцепени грузиски области Абхазија и Јужна Осетија, Милибанд изјави дека Русија не се помирила со новата мапа на регионот.

Тој рече дека западните земји треба да си ги преиспитаат односите со Русија.
Украинскиот претседател Виктор Јушченко пак изјави дека неговата земја треба да размисли да ја зголеми цената за изнајмувањето на базата во Севастопол, каде што е сместена руската црноморска флота.

Руската влада одговори на западните критики велејќи дека таа не гледа закана од „студена војна”.

Портпарол на премиерот Владимир Путин рече дека Москва презема мерки на претпазливост против бродовите на НАТО во Црното море, но изрази надеж дека судир ќе се избегне.
Самата Грузија пак најави дека односите со Русија ќе ги сведе на минимум, иако конзулските услуги во амбасадата ќе продолжат.

Владин портпарол рече дека ќе се намали персоналот на преставништвото но грузискиот амбасадор, кој беше отповикан за време на судирот, нема да се врати во Москва.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top