Европската унија (ЕУ) ќе одржи денеска средба на врвот, на која што треба да бидат избрани првиот претседател и првиот министер за надворешни работи на Унијата.
Двете нови функции се предвидени во Лисабонскиот договор, што треба да стапи на сила на 1.декември оваа година, откако беше ратификуван од сите 27 земји членки на ЕУ.
Шведското претседателство јасно стави до знаење дека сака „силни лидери“ на чело на Унијата.
Некои од земјите членки на ЕУ, како што се Франција и Германија, би сакале на чело на Унијата да застане личност со лидерско, но и меѓународно искуство, затоа што неговата главна задача на почетокот ќе биде умешно да ги усогласи ставовите на членките кон светските прашања и партнерите.
Се чини дека почнува да преовладува уверувањето дека претседателот на ЕУ, со годишна плата од 400 илјади евра, би можел да остане само еден мандат од две и пол години.
Потоа би се размислило дали следниот претседател, со дополнување на Лисабонскиот договор, би можел директно да го бираат граѓаните на 27 – те членки на Унијата, така што би добил вистински, демократски легитимитет.
Според неофицијален договор на главните политички формации во Европа, демохристијаните и социјалистите, претседателот на ЕУ треба да биде политичар од десницата, а шеф на дипломатијата од редовите на социјалистите и социјалдемократите.
Оттаму, еден од најголемите фаворити за претседател на Унијата е белгискиот премиер Херман ван Ромпуј, но голема неизвесност владее околу тоа која личност би можела да дојде на функцијата „шеф на дипломатијата“ на ЕУ.
Останати најмногу споменувани кандидати за претседател се и холандскиот премиер Петер Балкененде и луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер, но во прв план изненадно изби и поранешната претседателка на Летонија, Ваира Вике Фрајберг.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град