Во Струга слаб интерес за вакцинација

Слаб е интересот за вакцинација во Струга. Најмал одзив има по руралните средини каде процентот на имунизирани е под 20 %. Најголем е во Вевчани, каде 60% од населението над 18 години е вакцинирано. Во Охрид интересот двојно поголем, општината со стапка  42,9% е на второ место во земјава по имунизација после Кавадарци.

 |   | 

Слаб одзив за вакцинација во Струга и струшко. Според официјалните информации на министерството за здравство во општина Струга само 23,1% од населението се имунизирало. Слична е состојбата и во Дебар, таму има уште помал одзив за вакцинација, само 17.3%.

Струга беше еден од градовите во земјава  со најголема смртност од последици од корона вирусот. До денес битката со ковид 19 ја изгубиле 197 лица, што е највисока стапка на морталитет од 6,6%, но и покрај тоа нема голем интерес за вакцинација.

Очигледно е дека населението има некоја активност, но не е забележителна. Дали преку медиуми, преку влијателни личности, да бараме некој начин да го зголемиме интересот за вакцинација“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“ Вевчани.

Вакцинацијата во струшко се одвива на шест пунктови, три во струшката болница и уште три на Здравствениот дом Д- р Светозар Чочороски  во Вевчани, Лабуништа и Велешта. Со теренската вакцинација се очекува да расте бројот на заинтересирани граѓани.

 –Со теренската вакцинација факт е дека порасна бројката, Попристапни им се вакцините и полесно доаѓаат. За масовната вакцинација тие мораа да патуваат до Охрид или до Вевчани. Сега со теренските пунктови кои ги отворивме граѓаните без најава може да одат“, додава Стојкоски.

Најголем интерес за вакцинација има во Вевчани, дури 60% од населението над 18 години е имунизирано, најслаб во Лабуништа и останатите села каде процентот е под 20%.

Во општина Струга од почетокот на пандемијата до денес заболеле околу 3000 лица, а моментално активни се само 4 случаи.

За разлика од Струга во Охрид двојно е поголем интерес за вакцинација, со стапка 42,9% Охрид е на второ место во земјава по имунизација после Кавадарци.

 

Новинар Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top