УНЕСКО е заштитен знак на охридско – струшкиот регион, децидни се стручњаците

“Охридско – струшкиот регион е вистинско богатство за УНЕСКО и претставува вистински раритет како единствена локација која е прогласена за светско наследство врз основа на две компоненти – природа и културно наследство. Мора да се работи на промоција на значењето на членството во оваа реномирана организација и на економските и културолошките бенефиции кои произлегуваат од тоа членство не само за Охрид и Струга, туку и за Македонија во целост”.

 |   | 

Ова беше заклучокот од синоќешната панел дискусија на експерти, индивидуалци, здруженија на граѓани и претставници на институции во рамки на креативната иницијатива “УНЕСКО на дланка”, на Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и нивниот партнер, Националниот младински совет на Македонија.

Професор доктор Трајче Талевски од хидробиолошкиот завод од Охрид вели споделува дека целата убавина, ендемизам, карактеристиките на растителниот и животинскиот свет придонесоа Охридското езеро веднаш да биде ставено на листата на заштитени светски подрачја на УНЕСКО во 1979 година, како добро од исклучително значење.

“Денес, ако ја исклучиме трската, еден од најоштетените делови или најзагрозени видови е фауната на дното на езерото која е најзначајна и силно погодена од сите овие интервенции кои се вршат во литоралниот, односно крајезерскиот дел. Тука постои најголема опасност од нејзино уништување. Тука има дури 60% ендемични видови, кои не се среќаваат никаде на друго место во светот.  Поради антропогениот притисок во последните децении, се повеќе се намалува и присуството на белвицата и пастрмката и постои опасност за нивно тотално уништување. Ако во осумдесеттите години на минатиот цек се ловеле над 200 тони пастрмка,  сега тој процент е сведен под 1, што значи дека акцентот на ловење е ставен на белвицата и крапот”, додава тој.

Според него, сите активности кои што ги преземаат локалната самоуправа, државата, невладините организации и УНЕСКО одат во насока на заштита на флората и фауната и за Охрид е важно што живее во езерската вода. Тој вели дека езерото не е акумулација која што може да се користи неограничено и заклучува дека во моментот, животинскиот свет, флората и фауната се наоѓаат во лоша состојба и вели дека претстои многу работа за состојбата да се врати во онаа форма од пред петнаесеттина години.

Според Емина Рустемоска, дипломиран наставник по географија и доктор на науки по евро интеграции, генерална забелешка, не само на ниво на регион, туку и на ниво на држава е дека дел од водите кои се испуштаат не се филтрираат и многу е важно да се воспостави постојан мониторинг на квалитетот на вода.

“Институциите не ја признаваат двојната вредност на охридско – струпкиот регион како двојно заштитено културно и природно подрачје и, како такви, не ја промовираат.

Проблематично е тоа што го промовираме регионот, како регион на масовен туризам, со што не се согласувам. Мислам дека Охрид, а и Струга, не заслужуваат да идат третирани на начин за масовен туризам, во тој обем. Притисокот што се врши, посебно во градот Охрид на лето, го надминува еколошкиот капацитет на езерото и на регионот. Промоцијата на тој агресивен туризам, не оди во прилог на заштита на културното и историското наследство Во крајна линија, туристите не доаѓаат да видат нешто што е антропогено и изменето, туку да ја видат автентичноста на регионот во целост. Буџетите кои се влеваат во тие два месеца во локалните самоуправи, може да бидат искористени и распределени за користење во текот на целата година”, констатира таа.

Борче Стојаноски од еколошкото друштво “Грашница” го изразува ставот дека екологистите ги земаат со резерва актуелните случувања и не се во целост сигурни дека моменталниот склоп на активности е по волјата на охриѓани и дека јавноста се дефокусира од другите суштински проблеми, поврзани со еколошкиот аспект.

“30 години се бориме со проблемот со нефункционалноста на колекторскиот систем. Тој проблем го актуелизираме постојано и сме доаѓале во конфликт со надлежните институции многу често, во смисла дека тоа не е во интерес на туризмот. Таа борба никогаш нема да престане, се додека колекторот тече во езерото. Имаме информации дека многу често, водата се влева непрочистена и во Дрим”.

Тој посочува  дека горлив проблем се и речните корита и депониите и сето тоа индиректно влијае /на загадувањето на езерото и дека треба многу навремено да се реагира, за преместување на овие локации во интерес на унапредувањето на сите идни извештаи.

Горан Патчев од охридскиот завод и музеј смета  дека најмногу го загрижува делот од извештајот за конзервација на движното и недвижното наследство и додава дека масовното менување на ликот на старото градско јадро е започнато во периодот од 60-тите до крајот на тите 70-тите години од минатиот век, односно пред прогласувањето на регионот.  за културно и природно наследство.

“Охрид е земен како матрица, а најголем дел дел од оштетувањата на архитектонскиот односно градбениот материјал се поради климатските услови, Класичните архитектонски техники се спроведуваат најмногу во сакралните објекти. Еден дел од конзерваторите инсистираат на тие автентични материјали, а најрепрезентативните објекти сега се заштитени со најмодерни материјали и со зачувување на нивната надворешна форма”, додава тој.  

За Катерина Василеска, туристички водич и долгогодишен граѓански активист,  статусот во УНЕСКО има големо влијание во привлекувањето добри туристи, кои што знаат да ги ценат културните и историските богатства.

“Мислам дека локалното население, за жал, не е многу запознаено што значи тоа УНЕСКО. Според мене, тоа треба да се предава во училиштата, за малите охриѓанчиња, стружанчиња и луѓето кои живеат во овој заштитен регион да знаат што значи да живее во УНЕСКО заштитена зона и, притоа, јасно да се објаснат сите критериуми поради кои што сме примени на нивната елитна листа”, се нејзините размислувања.

Според размислувањата на Ирена Бандилова, професорка и дипломиран економист, согласно агендата за одржлив развој 2030 година, се прави значаен чекор напред кон одржливиот равој на многу полиња, со посебен акцент на наследството. Таа напоменува дека ова е прв пат меѓународната агенда за развој да се однесува и на културата, во рамки на целите за одржлив развој поврзани со образованието, одржливи градови, безбедност на храната и на околината, економскиот развој, шемите за одржливо производство и потрошувачка, мирољубиви и инклузивни општества.

“Што се однесува на туризмот, оваа стопанска гранка произведува директни работни места за заедницата, како што се туристички водичи или угостителската индустрија ( хотели, барови и ресторани ). Индиректните вработувања се генерираат преку други индустрии од типот на земјоделството, производството на храна, креативните индустрии (уметност, музички изведби), сувенири итн. Исто како обезбедувањето работни места, дополнителните инвестиции и трошењето кои ги носи туризмот придонесувсаат за поддрша на широк спектар услуги, вклучително и дистрибуција на вода и енергија, услуги за транспорт и патишта, здравствени услуги, продавници, гаражи, услуги за слободно време, абава и надворешни удобности”, децидна е Бандилова.

Доц. д-р Никола Митровиќ, историчар и в.д директор на одделението на историскиот архив на република Северна Македонија во Охрид потенцира  дека УНЕСКО  е заштитен чадор, под кој сите ние сме згрижени и заштитени.
 
“Значењето на стариот дел на градот, преку кој му се дава и значење на целиот град Охрид не е само врз таа одредена карактеристика, туку мора да се земе предвид фактот дека охридскиот регион е најстар континуитет на населеност на популација на овој простор, без прекин. Несомнено, овој регион опфаќа и други карактеристики како својство на култури, традиции, што се вградуваат токму во старото охридско градско јадро”, согласен е тој.

Активностите продолжуваат и во наредните месеци, а ќе се организира и јавна дебата на која заклучоците од дискусијата ќе бидат пренесени и пред локалните самоуправи на Охрид и Струга.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top