• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Трибина за режимот на сообраќај во „Стар град“: Варошани сметаат дека треба да има рампи

Трибина за режимот на сообраќај во „Стар град“: Варошани сметаат дека треба да има рампи

Жителите на Стар град бараат летен режим на сообраќај со рампи. Ова беше истакнато од присутните на трибината која се одржа во општинската зграда. Градоначалникот Константин Георгиески ги слушна забелешките и мислењата на варошани и им го откри новото решение за летниот режим на сообраќај.

 |   | 

Трибината за  режимот на сообраќај во стариот дел на Охрид ја наполна  големата општинска сала. Жителите на Стар Град пред Градоначалникот Константин Георгиески ги искажаа своите забелешки и мислења за сообраќајот и проблемите со кои се соочуваат во летната туристичка сезона. Поголемиот дел варошани согласни да има рампи.

Ова се дел од дискусиите на присутните на трибината:

“ Кога се воведоа рампите сите бевме против. Но кога се отстранија рампите увидовме дека Варош подобро функционирал со рампи и во тоа сите се согласуваме. Картичките да се издаваат врз основа на имотен лист. Моментално се издадени 2000 картички од кои и на келнери, шанкери, тезгаџии и слично. Тоа мора да се избегне во иднина. Картичките да ги издава МЗ и да има одреден реален број картички.“

„Залудно ќе биде ако вие било кој концепт го донесете а не го спроведите доследно на дело. Мора да се обезбеди владеење на тоа што ќе се договориме. Факторите на тоа спроведување мора да бидат општината преку инспекциски надзор, преку комуналните редари  и нивна супервизија, затоа што знаеме дека баш и не работат многу, заедно со полицијата која треба да обезбеди присуство на сообраќајни полицајци. Во овие три месеци треба да ви биде јасно во општинава дека некои служби мора да работат до 4 сабајле и некои служби да работат втора смена, посебно инспекциските служби“

„Туристот треба да може со возило да дојде пред врата , да се смести и после тоа да му се најде паркинг. Не е должен тој да доаѓа пешки по калдрмата со четири куфери и никогаш веќе да не дојде во мојот апартман. Треба да се мисли на туристите“

„Треба да се размислува за јавен превоз и во Варош со помали комбиња.“

„Комбиња кои одат до Самуилова тврдина ги растовараат односно чекаат туристите ги товараат и пред Св Климент ги растовараат. Кога ќе се наредат 4-5 комбиња тоа е хаос. Нека ги оставаат кај Горна Порта и нека одат пеш туристите на разгледување.“

„Приоритет мора да имаат жителите на Стар град.  Јас издавам апартмани но на гостите им кажувам дека има паркинг Горна Порта и дека таму треба да паркираат. Сметам дека мора да има рампи но и реален број на картички. Која е логиката да ставиме рампи и да извадиме 2000 картички. И потребна е построга регулација од страна на сообраќајната полиција ако веќе се одлучиме за вакви решенија, да има санкции за прекршителите.“  

„Тие што ги кршеа и оштетуваа рампите не мора да значи дека беа жители на Стар град. И покрај рампите не се решава проблемот со влез во Стар град. Влез имаме и од кај Каменско, Климентов Конак. Тој дел воопшто не е решен.“

Градоначалникот кажа дека голем дел од забелешките и мислењата на граѓаните се поклопуваат со неговите и размислувањата на стручните служби на локалната. Новото решение за летниот режим на сообраќај во Стар Град предвидува рампата кај поштата да се дислоцира пред споменикот Фаќач на крст и таа ќе биде филтер за варошани кои ќе влегуваат со картички. Кај поштата да се постави друга рампа со кабина со наплатувач и паркирањето ќе се наплаќа на каса со талонче.Со измените кои локалната ги планира зоната помеѓу двете рампи станува премиум зона и тука паркирањето ќе чини 100 ден од час на лето и 60 денари надвор од сезона. Тендерот за рампите за Премиум зоната е завршен. Договорот помеѓу општината и скопската фирма која го добила тендерот е потпишан. Рампата кај Горна Порта ќе се помести за неколку метри подолу за да се избегне создавањето тесно грло и таа ќе биде само за жителите на стар Град. Рампа ќе биде поставена и кај Каменско. Сите рампи ќе бидат поврзани во систем и ќе бидат обезбедувани со видео надзор, 24 часовно обезбедување од приватна агенција на Горна Порта а ќе има и физичко присуство на вработен во ЈП Билјанини Извори.

„Ако студиозно и навремено пристапиме кон решавање на проблемот како што пристапуваме оваа година , со време, пред започнување на туристичката сезона нашата интенција е целиот тој систем да биде најдоцна готов до почетокот на јуни, до 10 јуни. Мислам дека нема да имаме проблеми затоа што доколку граѓаните од стар град прават злоупотреби си штетат самите себе. Овој пат картичките ќе се издаваат од општината. Ќе има комисија и картички ќе добијат вистински само тие граѓани кои навистина се жители на тој дел од градот затоа што минатата година имавме многу повеќе издадени картички.“ – кажа градоначалникот Константин Георгиески.

Ќе се изврши реевиденција на издадените картички. Станоиздавачите од мал обем  ќе добијат онолку картички колку што поседуваат паркинг места за своите апартмани а состојбата ќе ја утврди комисијата.  Доколку станоиздавачот не поседува паркинг место, туристите со приложување на резервација кај лицето на рампата ќе бидат пропуштани да се сместат а потоа своето возило ќе го паркираат на некој од јавните паркинг простори. Сеуште се работи на пронаоѓање најдобро решение за одвивање на такси превозот во Стар град.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top