• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Специјалната Јанева, експертот Каракамишева, фабриката за лични карти низ хуморот на василичарите

Специјалната Јанева, експертот Каракамишева, фабриката за лични карти низ хуморот на василичарите

ИСИЛ, тајните служби на ЦИА, гласачите од Пустец, обвинителката Катица Јанева, експертот Каракамишева, Млекарот Рамиз, племињата од Нова Гвинеја и уште многу бројни маски на едно место, на отворениот театар, Вевчанскиот карневал.  

 |  Билјана Николоска  | 

Каде и да си, за Василица дома да си. Оваа изрека во Вевчани ќе ја слушнете и од старо и од младо. И годинава двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот и невестата, глупавиот август, ѓаволите и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања продефилираа низ вевчанските улици, од влезот па се до средселото. Секое карневалско издание или театарот на отворено е неповторливо доживување и дружење, со симболиката на двата паралелни света, едниот кој му припаѓа на паганството а другиот на христијанството.

„ Карневалот е светост, нешто највозвишено, годинава се предвидени повеќе активности но овие два дена е главното.“-вели за ТВМ еден од василичарите.

„ Власта е најтешкиот порок…незапрлива е како канал што носи моч…заради неа се убива, се гине, се губи човечкиот лик….моето право е да се поткачам горе да видам како е… слези ти да се качам јас…“

„Добровечер јас сум Катица Јанева, што ве интересира ви порачувам секој комуњар да е амнестиран и пак ќе дојде ВМРО на власт ….. се е ова играчка Заев си игра со зајчињата и се е дозволено на Василица.“

Има и такви вевчанци кои се маскираат само за дома, колку да го одбележат овој за нив најголем ден. Таков е случајот со Љубе Бетоски, кој секоја година се појавува со разни маски, а годинава од почит кон својот роднина, прерано починатиот новинар Никола Шутиноски, тоа го направил само за своја душа.

„Чуството на секој вевчанец е прекрасно затоа што ни доаѓаат гости и ни се ослободува духот, се прикажуваат маските цела година што се осмислуваат и за нас општо кажано живееме за овој ден“-изјави Љубе Бетоски .

Оваа манифестација ја следат бројни гости кои и покрај снегот кој постојано паѓа стојат на улиците чекаа да се појави карневалската поворка со маски, предводена од зетот, невестата и Глупиот Август.

Прв пат сум овде. Уште во автобус видовме маскирани луѓе и тоа не беше секојдневна глетка која што можеме да ја видиме во Австралија од каде што доаѓаме. Затоа ова што се случува овде е посебно и интересно за нас. Четири месеци со мојот сопруг патуваме низ Европа и сега сме тука.– вели за ТВМ туристка од Австралија.

Во Вевчани денеска се одржа карневалот во чест на Василица. Во вечерните часови, присутните ќе ги забавуваат Есма Реџепова и Наум Петрески, а на полноќ најавен е огномет. Настап ќе има и вевчанецот Перо Пешиновски до утринските часови, кога традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори каде полнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според старата традиција, утре Василичарите ќе одат од куќа во куќа каде има стопан со име Васил за да му честитаат. Напладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што го играат василичарското оро. Манифестацијата завршува со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, некаде околу 17 часот. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна. Вевчанскиот карневал датира уште од настанокот на ова село и има традиција од околу 15 века.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top