На проблемите во Ф1 им нема крај

Ред бул, Рено и Ферари вложија протест до ФИА за болидите на Браун ГП, Тојота и Вилијамс.

 |  Крсте Голабовски  | 
logo
лого

Од технички причини, тимовите на Браун ГП, Тојота и Вилијамс се соочуваат со можна забрана за настап во трката за Големата награда на Австралија, со која в недела ќе стартува годинашната сезона во Формула 1. Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) соопшти дека Ред бул, Рено и Ферари вложиле протест, тврдејќи дека болидите на трите посочени екипи не се во согласност со техничките правила. Протестот од БМВ Заубер, пак, е отфрлен. Од ФИА и информацијата дека претставниците на трите обвинети тимови се поканети од стјуардите на трката во Мелбурн да дојдат на патеката во Алберт Парк.

Новиот тим Браун ГП, кој настана од поранешна Хонда и кој беше убедливо најбрз во претсезонските тестирања, како и другите две екипи користат иновативни, но спорни задни дифузери. Тие овозможуваат брз и непречен проток на воздухот под болидот, а со тоа и негово подобро „лепење“ на површината на патеката.

„Жално е што овој викенд најмногу ќе се зборува за контроверзата што лесно може да создаде раздор меѓу екипите“, изјави тимскиот шеф на Мекларен, Мартин Витмарш, пред вложувањето на протестите. Формула 1 е таква што некогаш ненадејно знае да создаде зајадлива атмосфера. Мислам дека никој овде не сака да мами, па срамота е што место за спортскиот аспект викендов повеќе ќе се зборува за техничкиот“.

bolidВитмарш вели дека и на Мекларен, тим на светскиот шампион Луис Хамилтон што се бори да го направи својот болид брз откако на тестирањата покажа слаби резултати, му треба разјаснување.

„Ние имаме недоволно развиен болид, немаме задоволителна аеродинамика и би сакале да се фокусираме на поправањето на ситуацијата колку што е можно побргу“, изјави Витмарш. „За да го направиме тоа, би било корисно да можам да му кажам на мојот тим за аеродинамика дека правилата се такви и такви, но денеска не сум во можност да го сторам тоа. Или мнозинството тимови ќе мора да ги менува своите болиди или тоа ќе мора да го направи помалиот дел од екипите“.

Правилата во Формула 1 доживеаја драматични измени за сезонава, но во нив има сиви зони. Браун ГП, кој ги користи истите мотори од „Мерцедес“ како и Мекларен, ги загрижи ривалите со брзината на својот болид дизајниран во минатата година и половина од Хонда пред јапонскиот автопроизводител да се повлече од Формула 1 во декември. Хонда практично ја жртвуваше ланската сезона за да се концентрира на конструирање победнички болид за 2009, во што вложи многу пари и извори, вклучувајќи и користење на три воздушни тунела.

Возачот на Браун ГП, Џенсон Батон, кој се смета за еден од фаворитите во неделната трка, не сака да се заморува со овој проблем.

„Тоа не е нешто врз што имам контрола“, вели тој. „Ништо не можам да сторам во врска со тоа“.

 

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top