Осми медал за македонското карате на европските првенства

Македонскиот карате-репрезентативец Берат Јакупи постигна голем успех на 48. Европско првенство (ЕП), што вчера заврши во Будимпешта, Унгарија, откако во категоријата борби (до 84 кг) го освои бронзениот медал.

 |  Голабовски Крсте  | 
Berat Jakupi
Берат Јакупи

Македонскиот карате-репрезентативец Берат Јакупи постигна голем успех на 48. Европско првенство (ЕП), што вчера заврши во Будимпешта, Унгарија, откако во категоријата борби (до 84 кг) го освои бронзениот медал.

Тоа е осми медал во историјата на македонското карате на ЕП. Во борбата за бронза тој убедливо го совлада Азербејџанецот Гурбаев со 3-0.

Јакупи (КК Фати), кој е актуелен европски првак (постари јуниори, годинава во Турција), а бил континентален првак и во кадетска и во јуниорска конкуренција, во Будимпешта го освои својот прв сениорски медал. Јакупи во 1. коло го совлада Турчинот Узда (5-1), во 2. коло Летонецот Озеровс (2-1), во 3. коло загуби од Гркот Цанос (1-4). Во репасажот беше победен Црногорецот Лучиќ (6-1).

Berat Jakupi– Целата борба за медал ја изработив тактички, без грешка. За сето време не прифатив борба што сакаше да ја наметне противникот за да не ме изненади. На крајот заслужено славев со 3-0 на поени. Овој медал е голем успех за мене, бидејќи е почеток на мојата сениорска кариера. Ова, секако, ќе ми даде мотивација да вежбам уште повеќе за еден ден да станам европски и светски првак. Многу сум среќен, бидејќи покрај освоениот медал, и Македонија се запиша во листата на државите што освоиле медал на ова ЕП – ни изјави Јакупи.

Македонија во дисциплината кати (жени) вчера се бореше за бронза со фаворизираната Шпанија, но загуби со 0-5. Тие во 1. коло ја победија Русија со 4-1, во 2. коло загубија од Италија со 0-5. Машкиот тим во борби го освои 7. место. Во 1. коло го победија фаворитот Азербејџан со 3-2, благодарение на неверојатната победа на Симон Антиќ, кој го совлада најдобриот каратист на денешницата Рафаел Агаев. Во 2. коло загубија од Франција со 1-3, а во репасажната борба и од Холандија со 0-2. Девојките во борби уште во 1. коло загубија од Грција со 0-2.

На ЕП во Будимпешта учествуваат 689 каратисти од 45 земји, а Македонија, чиј состав беше спој на младоста и на искуството, ја претставуваа 17 каратисти (14 во борби), предводени од селекторите Петар Белистојаноски (борби) и Златко Димоски (кати). Вчера на програмата беа финалните дуели.

{loadposition content9}

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top