Во понеделникот Батиста имал средба со Извршниот комитет на Аргентинската фудбалска федерација и на неа било донесено решение тренерот да ја напушти позицијата.
“Извршниот комитет одлучи да го раскине договорот со Батиста”, соопшти портпаролот на АФА, Енрике Черкис Биало.
Батиста го презеде кормилото на Аргентина од Диего Марадона по неуспешните настапи на Светското првенство во Јужна Африка минатата година. Тој прво беше назначен за привремен тренер, а подоцна потпиша перманентен договор. Со големи амбиции влезе на Копа Америка каде не се прослави. Аргентина едвај ја мина групата, а испадна во четвртфиналето од Уругвај, што беше пресудно челниците на федерацијата да му врачат отказ и да побараат друго решение.
“Не брзаме околу назначувањето на новиот селектор. Немаме рок до кога тоа да го сториме. Сега ќе ја анализираме ситуацијата, ќе составиме список од можни кандидати и ќе си сослушаме нивните идеи. Важно е да назначиме човек кој ќе биде способен да го извлече максимумот од играчите”, додаде Биало.
Поради новонастанатата ситуација Аргентинците го откажаа пријателскиот натпревар кој требаше да го играат против Романија во Букурешт на 10 август.
Аргентина последниот трофеј од Копа Америка го освои во 1993 година, а од Светското првенство во 1986. Репрезентацијата веќе подолго време мака мачи како да одигра добро на големите турнири. Видливи се големи слабости иако во неа играат фудбалери кои се вистински ѕвезди во своите клубови. Новиот селектор ќе има тешка задача да ги “испегла” недостатоците и да го вкомпонира тимот како една целина, односно сите ќе играат константно и без поголеми осцилации.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град