Ќе биде ли Ноле најуспешниот?

Новак Ѓоковиќ може да ја оствари најуспешната сезона во модерната ера на тенисот.

 |  Крсте Голабовски  | 

Во паузата пред северноамериканската турнеја, 24-годишниот Србин има неверојатен скор од 48 победи и 1 пораз во оваа година. Поразот од Роџер Федерер во полуфиналниот дуел на „Ролан Гарос“ е единствениот неуспех за Ѓоковиќ годинава. Ако остане здрав и ако ги одигра преостанатите осум турнири на неговиот распоред за оваа сезона, вклучувајќи го и завршниот турнир од Мастер-серијата и полуфиналето и финалето од Дејвис купот, Ѓоковиќ може да оствари уште 44 победи. Тоа би значело дека би ја завршил сезоната со скор од 92 победи и 1 пораз, што би бил најдобар резултат на кој било тенисер во историјата.

Математички гледано, тоа би значело дека Ѓоковиќ би имал успешност од 98,9 проценти, што би бил подобар резултат од виртуозната сезона на Мартина Навратилова од 1983 година, кога таа победи на 86 натпревари, забележувајќи само еден пораз или со процент на успешност од 98,8. Германката Штефи Граф моментално го има вториот најдобар резултат со своите 86 победи и 2 пораза во 1989-та или 97,7 проценти. Кај мажите, најуспешна сезона досега има Џон Мекинро, кој во 1984 година забележа 82 победи и 3 порази. По него следува Роџер Федерер со својот скор од 81-4 во 2005-та.

Дали Новак Ѓоковиќ е играчот кој може да ги надмине овие достигнувања? Веројатно повеќето познавачи на тенисот сметаат дека тоа е невозможно, но колкумина од нив веруваа дека Србинот досега ќе има само еден пораз? Одговорот на прашањето дали сезоната на Ѓоковиќ ќе биде запаметена како една од најдобрите во историјата можеби ќе го добиеме веќе на северноамериканската турнеја, каде што тој ќе може да одигра максимални 17 меча на турнирите во Монтреал, Синсинати и УС Опен. Со секоја наредна победа, сè побројни ќе бидат оние што ќе веруваат дека Србинот може да оствари историски подвиг. Но, конкуренцијата со која ќе се соочи е застрашувачка. Иако Рафаел Надал ги загуби сите пет меча против Ѓоковиќ оваа сезона, се очекува Шпанецот жестоко да се бори за враќање на врвот на АТП ранг-листата, каде што по успехот на „Вимблдон“ се наоѓа Ѓоковиќ. Голема е веројатноста двајцата тенисери да се соочат во финалето на Дејвис купот, меч што би бил вистински спектакл. Покрај Надал, се чини дека и Федерер сè уште има што да каже на големите мечеви. Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро ја најде вистинската форма пред УС Опен, турнирот што го освои во 2009-та, а Енди Мареј секогаш е опасен, иако нема освоено ниту еден грен-слем. Сето ова е гаранција дека ни претстои фантастична завршница на тениската сезона. Дали Ѓоковиќ ќе го впише своето име меѓу тениските легенди останува да видиме.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top