Женскиот автобус против насилството врз жените пристигна во Струга

Препознатливата портокалова боја денес ја обои струшката чаршија истовремено испраќајќи порака до сите жени кои претрпеле или сеуште трпат некаков вид на насилство истите да стават крај на тоа и да ја прекинат тишината.

 |  Мишел Наумоски  | 
zenski avtobus

Прекини ја тишината, проговори гласно, стави точка на насилството. Ова се пораките кои гласно одекнаа денес низ струшката чаршија. Женскиот автобус на клубот Зонта од Скопје пристигна во Струга, во рамки на кампањата за борба против насилството врз жените. Портокалови маички, шалчиња, флаери, торбички, се делеа на граѓаните како би се зголемила видливоста на проблемот со насилството врз жените. 

stop nasilstvo vrz zeni“Женскиот автобус патува низ Македонија, за сите овие 16 дена, почетниот настан беше на 25ти во Скопје, завршниот повторно ќе биде во Скопје, на 10ти декември, а во меѓувреме ги посетуваме сите градови во Македонија кои што ги определивме за да ја подигнеме свеста кај граѓаните дека проблемот постои, за насилството врз жените и девојчињата, да не препознаат со убавата портокалова боја која што е глобална боја под закрила на ООН, за подигање на свеста против насилството врз жените и девојчињата, да испратиме порака за една посветла иднина.”-вели Маргарита Иванова од Зонта клубот од Скопје. 

Според Иванова, ваквите акции помагаат да се намалат црните статистики на жени кои биле жртви на некаков вид на насилство. Вели дека се ова мали чекори, но дека секоја година тие стануваат се поголеми и погласни.

kampanja stop nasilstvo vrz zeni“Ова се всушност превентивни акции, за да не дојде до насилство, исто така се акции да ги натераме оние кои што го трпат насилството да стават точка и да ја прекинат тишината, да излезат и да кажат. Флаерите кои што ние ги делиме, сите материјали за визибилност, за видливост што ги делиме, остануваат кај нив, да ги потсетуваат на тоа дека треба да прекинат, да го препознаат насилството бидејќи некако кај жените кај нас, особено во помалите градови воспитувани се така. Тоа е стигмата што ја носи жената дека традиционалните вредности се такви, дека жената треба и мора да го трпи мажот па макар и да ја удри.”-рече таа. 

Иванова вели дека тие сакаат да испратат порака дека никој нема право врз телото на жената и нејзиниот начин на размислување. Додава дека секоја година се повеќе жени се решаваат да ја прекинат тишината и да стават точка на насилството. Женскиот автобус е проект на Зонта клубот од Скопје кој оваа година е финансиран од УСАИД Македонија, а станува збор за кампања која е составен дел од глобалната кампања која што се одвива секоја година во периодот од 25ти ноември, до 10ти декември, во рамките на 16 дена активизам против насилството. Инаку, денес свој придонес во пренесување на пораката за стоп на насилството врз жените дадоа и членките на женскиот клуб Сороптимист од Струга, како и членките на невладината организација “Езерка” од Струга.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top