Локалниот совет за превенција на општина Вевчани, со Градоначалникот на општина Вевчани, претставници на организациониот одбор на карневалот, претседателите на василичарските друштва, претставници на невладиниот сектор како и претставници на ОБСЕ, МВР, Обвинителство, вчера одржаа состанок во врска со немилите настани што се случија во изминатиот период кои кулминираа со протестите во Струга.
Заклучоците од состанокот ви ги донесуваме интегрално:
Општина Вевчани и граѓаните на Вевчани од секогаш негувале пријателски односи со граѓаните од Дримколскиот регион од различна вера и етничка припадност.
Секогаш нашето взаемно почитување и доверба, сме ги граделе на фундаметот на меѓусебното разбирање и негување на вредностите, меѓусебните различности и толеранција.
Од тука уште еднаш потенцираме дека вевчанскиот карневал кој што постои повеќе од 1.400 години никогаш во својата суштина немал намера да навреди никого. Претставувањето на најразлични маски и соддржини од страна на учесниците на карневалот секогаш имале за цел во еден карневалски и слободарски дух низ доза на хумор да се претстават настаните и личностите без притоа да навредат некого.
Карневалите како настани по својата природа претставуваат прикажување на една поинаква слика од реалната состојба, впрочем заради тоа секаде во светот карневалите се оддржуваат само неколку дена во годината.
Од тука, на крајот изразуваме длабоко жалење што одредени поединци и групи неможат или не сакаат да ја разберат природата и суштината на карневалот како културна манифестација.
Локалниот совет за превенција, на општина Вевчани изразува силен револт и протест против намерата одредени структури и поединци во општина Струга да го инволвираат Вевчанскиот карневал во срамни политички игри со кои се нарушуваат традиционално добрите меѓуверски и меѓуетнички односи во овој крај. Исто така го осудуваме чинот на злоупотреба на вевчанскиот карневал како политичка алатка од одредени политичари, а се со цел добивање на ситни политички поени.
Се осудуваат вандалските постапки за сквернавење на црквите во Октиси, Боровец и Лабуништа и обидот за уништување на суверенитетот на Здравствен дом Вевчани. Апсолутно целосно се неприфатливи овие постапки и обиди за дестабилизација на безбедносната состојба во државата. Заради тоа, упатуваме апел до надлежните органи и институции да ги преземат сите правни чекори за расветлување на овие немили настани.
Локалниот совет за превенција на општина Вевчани изрази подготвеност да одговори позитивно на иницијативата од СВР Охрид за организирање на заедничка средба на која би земале учество Градоначалниците на Вевчани, Струга и претставници на СВР Охрид а, се со цел за надминување на настанатата ситуација.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град