Неколку месеци наназад во Струга нема доволно инсулин од трите најбарани вида, Ново Микс, Ново Рапид и Лантус. Претседателот на струшкото здружение на дијабетичари вели дека тешко се снаоѓаат да дојдат до потребната инсулинска терапија, а некои од дијабетичарите потребниот инсулин го набавуваат приватно од соседна Албанија.
Дијабетичарите од Струга се соочуваат со недостаток на инсулинска терапија. Тие сметаат дека под итно треба да одржат состанок со претседателот на здружението на дијабетичари на Македонија, Комисијата за инсулин и Министерството за здравство, со цел да се изнајде решение за проблемот. Како што нагласи претседателот на здружението на дијабетичари на општина Струга, Иво Дукоски, во моментов дијабетичарите добиваат помалку пенкала од потребното. Дел од граѓаните инсулинот го набавувале од соседна Албанија и за едно пенкало плаќале 10 евра. Но Дукоски дециден дека не може секој тоа да си го дозволи, бидејќи некои земаат по 4, 5 па и 6 пенкала.
„Сите тие три врсти недостасуваат во аптекава така што на луѓево наместо 5 пенкала им даваат две пенкала и навистина незнам што би направиле тие со тие две пенкала за колку е таа терапија за една недела…Ако продолжат така ќе се јават многу други болести, знаеме дека ни страдаат очите, бубрезите, нозете, тоа е убитачно за човек што не може да ја прими таа терапија, се запушуваат крвните садови, доаѓаат луѓе со срчеви со мозочни удари се заради проблемот со инсулинот“ – вели Дукоски.
Не ретко се случувало докторите на дијабетичарите да им го променат инсулинот како не би останале без терапија за да нема последици, но тоа според Дукоски не било во ред. Тие во најскоро време доколку не се изнајде решение за проблемот планираат мирен протест.
„Планираме ако се одржи тој состанок ние да ги искажиме проблемите ако тие не ни излезат во пресрет мора да го повикаме населението на еден благ штрајк, како да кажам, протест, бидејќи не можеме да одиме во Скопје, ама ќе можеме пред Министерството за здравство во Струга да излеземе со протест барем тие да не сослушаат“ – изјави Дукоски.
За Струга биле предвидени 450 кутии инсулинска терапија месечно а добивале само 180, како што кажува Дукоски. Дефицитарни се сите трите вида инсулин Ново микс, Ново рапид и Лантус.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град