Илјадници стружани и гости од земјава, но и однадвор, се собраа во прекрасниот храм на Св. Георгиј за да бидат дел од традиционалната Гурговденска литија. Миротворната поворка на Светиот Великомаченик Георгиј и оваа година, од улиците на Струга ги испрати насекаде евангелските пораки на Христовата љубов.
Величенствена литија во Струга по деветти пат. Стружани и годинава масовно се поклонија пред моштите на Св Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона. Стружани но и бројните посетители со порака, сите верници да го следат патот на спасението преку Христа.
„Би сакал секој да дојде и да почуствува во своето срце што се случува и да сведочи. Може многу да се зборува, но да се почуствува љубовта, светоста, добрината на овој светител кој ја чува Струга и цела држава е голема“.
„Секоја година учествувам на литијата во чест на Св Горѓи и се чуствувам се порадосно и поблагодатно, посебно заради тоа што оваа литија се паѓа во Паскалниот период и тогаш милоста и благодатта Божја уште еднаш ни ја испраќа онаа единствена небесна радост исто како на Христовото воскресение“.
„Со радост со среќа сите се собираме се молиме на Бога“.
Годинава амбиентот во Струга за време на литијата беше посебен поради тоа што покрај иконата на Свети Георгиј, литијата ја красеше уште еден чудотворен образ, иконата на Сепречистата Владичица наша Богородица Крнинска од нејзината Пречистанска Обител крај Кичево, носена од четворица кичевчани.
„Јас навистина верувам и силно чуствувам дека присуството на Богомајката и на победоносецот дека се тука меѓу нас и дека силно не благословуваат и дека чекорат во литијата. Да не заборавам уште една новост на самата литија а тоа е присуството на членовите на Ансамбл Македонија кои што се погрижија овој амбиент и оваа атмосфера едно вистинско традиционално духовно веселие“
Организаторите на струшката литија, од оваа година воведоа и една нова традиција, двајца од носачите на моштите да бидат од други градови, овој пат од Охрид и Битола. На тој начин стружани ќе ја искажат својата благодарност на сите градови што учествуваат во литијата. И годинава литијата ја благослови Митрополит г. Тимотеј, кој беше придружуван од Митрополитот Европски, г. Пимен и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и претставници од Дебарско-кичевска епархија, монашко братство и сестринства, предводени од Старецот, архимандрит Партениј. Меѓу бројните посетители присутен беше и градоначалникот на Охрид, г. Јован Стојаноски, со својата сопруга Надица. Посебен украс беа струшките дечиња облечени во народни носии, коишто со дождови од цветни латици, триумфално ги пречекуваа светињите на Свети Георгиј и Пресвета Богородица. Величествената литија заврши онаму од каде што и почна – во дворот на црквата на Свети Георгиј.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град