Стружанец искасан од куче заврши на болница

Триесет и четири годишен маж од струшко Мислешево нападнат и искасан од кучиња. Кучињата од расата Пит Бул биле без заштитна маска и ремен како што информираат од полицијата. Кај граѓаните подолг временски период постои голем револт заради состојбата со кучињата, посебно на општините кои немат свои служби за третман на бездомните кучиња, но гневни се и на несовесноста на оние со миленици, кои не им ја ставаат задолжителната заштитна опрема.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Жител на село Мислешево искасан од кучиња од расата „Питбул“. Мештаните на ова струшко село на 20 март беа сведоци на стравична слика кога два питбули го нападнале 34 годишниот А.Ф. од истото село и го искасале во пределот на стомакот при што му нанеле тешки повреди. Повредениот и исплашен мислешевчанец веднаш бил префрлен во Општата болница во Струга. Случајот веднаш бил регистриран од струшката полицијата. Портпаролот Стефан Димоски вели дека ова е прв ваков регистриран настан годинава.

„Нападот на кучињата врз случајниот минувач бил секавичен тие мошне аграсивно се нафрлиле врз минувачот од дворот од семејната куќа каде што биле оставени од страна на сопственикот незаштитени и без заштитна маска“ .

Димоски укажува дека честа е појавата сопствениците на кучиња да ги водат своите миленици по јавните површини, без маска, без ремен, и смета дека тие претставуваат сериозна опсност за останатите граѓани. Портпаролот објаснува дека полицијата може да поднесе пријава за случаите кога куче со познат сопственик не носи заштитна опрема, а предизвикало страв или каснало некого и дека тоа во иднина почесто ќе го применуваат.

„Ние во изминатиов период преземаме пред се превентивни мерки, укажуваме дека е потребно користење на заштитни маски на сопствениците им укажуваме дека тоа треба да го направат час поскоро, во спротивно следуваат прекршочни пријави. Така беше и во овој случај ние на сопственикот на кучињата во Мислешево му поднесовме прекршочна пријава“ – вели Димоски.

Законот предвидува казна за несовесните сопственици кои своите миленици ги шетаат на јавна површина без заштитна маска и ремен и истата се движи од 100 до 400 евра. Минатата година во Струга се случиле три напади на кучиња врз луѓе а во Охрид еден таков случај. На подрачјето кое го покрива СВР Охрид во општина Дебар, случен е еден настан кој заврши трагично со загуба на човечки живот, информира Димоски. Тој открива дека најалармантна е состојбата во Кичево каде само годинава се регистрирани над 20 напади на кучиња врз луѓе, од кои само 7 напади во изминативе 5 дена. Димоски укажува дека локалните самоуправи посебно во Кичево треба да преземат сериозни мерки за да ги заштитат своите граѓани.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top