Стружани бараат итна дислокација на депонијата

Струшката депонија, канцер за градот, еколошка бомба, грда слика за туристите, закана по здравјето на луѓето, се само дел од коментарите на стружани, но и забелешки на биолозите и еколозите. Последниве два дена оваа депонија повторно се пали а стружани бараат нејзина итна дислокација.

 |  Николоска Биљана  | 

Граѓаните на Струга исправени пред сериозен проблем, дивата депонија во Струшко поле, во непосредна блзина на градот. Речиси и да нема ден а стружани да не ја почуствуваат непријатната миризба и чад кој се шири од оваа депонија кон градот. Ваквата состојба е доволна причина граѓаните итно да побараат нејзина дислокација. Со оние со кои што разговаравме, велат дека срамота е за еден туристички град првата слика која им ја нудат на посетителите да биде онаа со купиштата ѓубре пред влезот на градот.

Гледано од биолошкот аспект, проф Беким Зиба вели дека жалосно е ова што му се случува на градот со дивата депонија. Тој нагласи дека покрај непријатната миризба и чад, натрупаното ѓубриште на депонијата, директно или индиректно влијае врз здравјето на граѓаните од Струга.

„Мислам дека тие загадувања што произлегуваат од депонијата тие на некој начин го расипуваат ланецот на исхрана и од биолошки аспект ние како човек фактор позрзани сме со тој ланец. Тие ситни супстанции и елементи што произлегуваат од самата депонија навлегуваат во растенијата и ние на директен или индиректен начин ги конзумираме. Ние читаме и слушаме дека во последно време се појавени ретки болести кои јас мислам дека произлегуваат од депонијата“ – вели Зиба.

Познат е проблемот на Струга и стружани со дивата депонија, бидејќи се провлекува неколку години назазад,  вели Урим Каба од ЕД „Визион Еко Вел“. Тој додава дека неопходно е нејзина итна дислокација, бидејќи смета дека секој изминат ден таа е се поголема опасност за граѓаните.

„За тоа се надлежни и Локалната Власт и Министерството за Животна средина, бидејќи секој ден проблемите се наталожуваат. Решение треба да се најде преку Југозападниот плански регион кои предвидоа изградба на депонија во Арбиново или во општина Дебрца и треба што побрзо истата да почене со изградба и да се дислоцира оваа дива депонија“ – нагласи Каба.

Градоначалникот Зијадин Села на последната седница на струшкиот совет на советничко прашање во врска со депонијата, кажа дека не ветил дека тој проблем може да го реши за првите 100 дена од мандатот затоа што  проблемот е акумулиран со години и не може да се реши за неколку месеци. Но додал дека не бега од одговорност и ветил дека во неговиот мандат тој проблем ќе биде решен.
Градоначалникот Села за таа цел остварил средба и со министерот за екологија. Како што информира Роланд Амзаи од локалната самоуправа, градоначалникот покажал добра волја депонијата да ја дислоцира било каде само да не им пречи на граѓаните, и смета дека се е во нивни раце, односно сите заедно Локалната самоуправа и Советот на општината заедно да одлучат каде ќе се одлага комуналниот отпад од Струга. Инаку, стружани неофицијално се подготвуваат и за протести, односно блокирање на патот со цел да го изразат својот револт против последиците за градот од оваа еколошка бомба, како што тие ја нарекуваат депонијата.

{loadposition content9}

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top