Струшката педијатрија ќе ги лекува и згрижува децата од Охрид

После затворањето на детското одделение во охридската болница поради недостиг на педијатри, колегите од Струга велат подготвени се да помогнат за итните случаи. Во струшката болница има 6 лекари педијатри и 18 болнички кревети.

 |   | 

Струшката болница има капацитет да ги лекува и згрижува децата од Охрид. Поради недостаток на педијатри во Охрид, децата после 20 часот  медицинска помош ќе бараат во Струга. Таму има 6 специјалисти педијатри. Лекарите велат ќе направат се за децата од охридскиот регион да добиваат навремена грижа. На одделот за педијатрија во струшката болница има 18 кревети, се надеваат дека ќе биде доволно за згрижување на децата од двата градови.

Имаме капацитет да го покриваме тој недостаток на охридските педијатри. Ние сме шест доктори кои поркиваме детско одделение и неонатологија. Итните случаеви ке додаѓаат тука, вратата наша е отворена 24 часа за било какви случаи – вели д-р Вулнет Бектеши специјалист педијатар во Струга.

Недостаток на педијатри има во целата држава. Повозрасните лекари велат уште пред десеттина години требаше да се изнајде начин да се мотивираат лекарите да специјализираат на оваа гранка. Младите ја одбегнуваат педијатрија.

Можеби е неатрактивна, тешка медицинска гранка значи некако не е атрактивна за младите. Мислам дека е една од потешките специјализации. Не зборувам за учењето колку за работата значи дете да прегледаш треба искуство, око, знаење затоа што тоа не умее да каже кои му се тегобите – вели д-р Нада Колоска специјалист педијатар Струга.

Дефицитот на педијатри го затвори детското одделение во охридската болница, кое работи само како амбуланта од 8 до 20 часотбидејќи има само двајца лекари. Во Струга има најмногу педијатри во целиот регион. Лекарите велат ќе биде тешко, особено во некои сезонски пикови, кога дневно се случува да има и по 150 прегледи во Струга, а со децата од Охрид бројот ќе се зголеми двојно повеќе.

 

Новинар Соња Рилковска

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top