Приказната со комуналните проблеми на Струга како да нема крај. Овој пат, проблемот е забележан на една од Струшките плажи. Граѓаните на Струга и натаму апелираат за што побрзо решавање на овој горлив проблем, но нивните апели завршуваат во вода. Тие ни се пожалија дека еден дел од Женската плажа кој нема свој концесионер на несовесните граѓани им служи како голем контејнер.
Летната туристичка сезона полека кулминира, но за жал кулминираат и проблемите од комуналната сфера. Една од малкуте природни сенки на Женската плажа во Струга, е покриена со смет. Посетителите треба или да си платат лежалка или своите крпи да ги постелат помеѓу насобраниот смет.
Само на дваесетина метри од спорното место, се наоѓа делот од Женска плажа кој има свои сопственици. Разликата е навистина фрапантна. Очигледно приватните концесионери подобро се грижат за чистотата на своите плажи отколку што тоа го прави општината и општинското комунално претпријатие во чија надлежност е овој дел. Стружани и натаму со очекувања и надежи дека ЈП „Комунално“ од Струга ќе си ја заврши својата должност и што поскоро ќе пристапи кон ова сериозно прашање. Се обидовме да стапиме во контакт со директорот на ова претпријатие, но на нашите повици не беше одговорено. Наместо него, за жал сретнавме налутени туристи кои зад камерата ни кажаа дека се згрозени од она што го гледаат и дека сликата која што ја затекнале не соодветствува со онаа Струга која што тие ја познаваат.
Знаејќи колку е важен овој период од летната туристичка сезона за Струга, многу јасно се наметнува потребата овој проблем што поскоро да се реши. Струга е еден од нашите туристички бисери, па наместо на туристите да им нудиме купишта ѓубре и да создаваме лоша перцепција кај нив, добро би било да се вложат напори за конечно решавање на овој сериозен проблем.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град