Опасноста од поплави ја демне и Струга. Реката Црн Дрим најсериозна причина за ваквата состојба.
Иако овој проблем сериозно се надвиснува не само во Струга туку и пошироко, надлежните седат со скрстени раце и досега не мрднале ниту со малиот прст, сметаат еколозите од Струга.
Покачениот водостој на Охридското езеро освен што е критичен и за 11 см ја надмина законски пропишаната кота со Р. Албанија, дополнително ја влоши состојбата и со реките и речните сливови во Охридско –струшкиот регион.
Мате Гогоски, екологист од Струга, вели дека не памети ваква рамнодушност на надлежните пред една сериозна состојба, која во најмала рака може да нанесе катастрофални и несогледливи последици. Тој додаде дека опасноста е поголема затоа што во Струга постои опасност од излевање на реката Црн Дрим и се чуди како досега бројните укажувања не ги поттикна надлежните да го преземат најнеопходното.
„Ако продолжи ваквото темпо на неповолни временски услови и негрижата на надлежните како што обвинуваат еколозите, покрај тоа што настрадаа земјоделските посеви, постои опасност и од поплава во населените места“, вели Гогоски
Иако сеуште во Струга постои само страв од поплава, некои приградски населби и околни села се веќе поплавени, вели секретарот на општина Струга Зоран Гулицоски.
Имено штабот за цивилна заштита од Струга вчера одржал состанок, каде биле донесени заклучоци по однос на состојбите кои што се однесуваат на поплавените места, од каде најкритично било во Луково, кое за влакно куртулило од можност за излевање на реката,додава тој.
Гулицоски потенциреше дека не е се во нивни раце. Во координација со државната власт и Центарoт за управување со кризи ќе делуваат и интервенираат секаде каде што е потребно без разлика што не е во нивна надлежност. Нема да се дозволи граѓаните на Струга и струшко да страдаат, додаде тој.
На сите овие обвинувања од ЕЛЕМ категорични во ставот, „ги превзедовме сите потребни мерки за да се надмине критичната состојба“, рече портпаролот на ЕЛЕМ Мирче Котески, и додаде дека Работната единица ХЕЦ „Глабочица“ е мобилна уште од 14 февруари.
Котески прецизира дека во моментов од езерото се испушта максимално дозволената количина од 50 метри кубни во секунда во реката Црн Дрим, но сепак топката ја префрли на високите државни врвови на двете земји Македонија и Албанија кои години наназад го запуштиле речното корито и истото не било исчистено.
Во Струга и покрај тоа што некои институции ја смируваат состојбата околу поплавите, кај стружани владее страв и се прашуваат ако не е толку сериозно зошто Штабот за цивилна заштита од Струга ги мобилизира граѓаните за состојбата во Луково.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град