Со здружени сили до успешни социјални бизниси

Столбовите околу кои се вртат нивните идеи се туризмот, земјоделието и занаетчиството. Тие се дел од Теракампот за социјално претприемништво на програмата за социјални стартап компании Фронтера.

 |  Мишел Наумоски  | 

Промовирање на меѓуетничка соработка и претприемништво, а како крајна цел создавање на бизниси и социјални стартап компании базирани на туризмот, земјоделието и занаетчиството. Четири дена во рамки на Теракампот за социјално претприемништво учесници од Охрид, Струга, Тетово и Гостивар ги кршат меѓусебните бариери работејќи на идеи кои за нив може да се покажат како доходовни.

„Она што се обидуваме да го направиме е да ги донесеме локалните таленти на едно место, безразлика на нивната позадина. Доаѓаат од Охрид, од Струга, но и од Тетово и Гостивар. Во текот на овие четири дена ги обучуваме и ги мотивираме да работат заедно на предизвиците со кои се соочуваат и да ги претворат во можности и идеи што може да биде доходовен бизнис. Така да идејата е на крајот да излеземе со 4, 5 или 6 стартапи од група од триесетина луѓе. Тоа е целта.“-вели Раул Лансинк-основач на Fronterra.

Лансинк појаснува дека го избрале социјалното претприемништво бидејќи тоа го комбинира најдоброто од двата светови. Од една страна вели дека се добива поддршката од заедницата, а од друга страна се користат компаративните предности кои ги нуди регионот.

„Многу повеќе ги сакам идеите кои се базираат на туризам, земјоделство и занаетчиство бидејќи се едноставни, лесно се изведуваат, не ви се потребни многу пари, и на нив може да работите заедно. Ако работите на некоја апликација, ви требаат многу пари, многу време додека заработите нешто па јас повеќе сакам да се држам до работите што се едноставни. Може да биде хостел, работилница, било што, се додека е доходовно, и доколку ви се потребни неколку луѓе за да работите, бидејќи исто така треба да обезбедите и вработување.“-рече Лансинк.

Инаку Теракампот во организација на Фронтера се случува четири дена. Меѓу другото тие имаа прошетка со брод, традиционална вечера во Велестово, прошетка на Пелистер, но и овој работниот дел кој се случува во Солферино во Струга. Во текот на утрешниот ден учесниците ќе ги презентираат своите завршни идеи за социјални стартапи за кои се надеваат дека ќе бидат успешни.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top