Секој со својата вистина

Отпочна главниот претрес за убиството кое се случи на 30.08 минатата година на регионалниот пат Струга Дебар, во кое беше усмртен Џемаил Исмаили , а неговиот син Мефаил беше тешко ранет.

 |  Билјана Николоска  | 

„Оф леле ме уби. Ова се последните зборови кои ги слушнав од татко ми“, рече Мефаил Исмаили оштетен во судскиот спор за убиството на неговиот татко. Пред лицето на правдата денес во Основниот суд во Струга беше изнесен Џемаил Асани. Како што ТВМ веќе информираше обвинетиот Асани се терети за кривично дело убиство, обид за убиство и недозволено поседување на огнено оружје. Главниот судски претрес за ова дело го водеше судијата Живко Ангелоски, кој го отпочна со сослушување на обвинетиот. Асани не се согласува со обвинителниот акт за кој се терети.

Според него кобниот ден тој излегол да купи билети за сестра му и внуците кои ќе патувале за Куманово. Претходно во близина на неговата куќа, кај соседите имало полиција. Тој на пат за автобуска се пресретнал со возилото во кое биле сега покојниот, неговиот син Мефаил и возачот Мевљур Масали. Според него тие го навредувале и го обвинувале дека е шпиун по што се случил немилиот настан. Асани не се сеќава колку пати испукал од пиштолот кој нелегално го поседувал веќе 12 години, само рече дека со пиштолот сакал да ги заплаши и пукал в земја, бранејќи се од металната шипка ѓто ја извадил сега покојниот.
Но, оваа негова сторија е сосема поинаква од онаа што ја кажа оштетениот Мефаил Исмаили. Според него главен мотив е нереализирана провизија при посредување во продажба на куќа сопственост на неговите вујковци кои живееле во Америка. Провизијата според Мефаил изнесувала околу 60 000 евра, средства кои требало да ги делат родителите на обвинетиот Асани и полициски работник во П.С. Струга, Ади Крека. До пропаѓањето на зделката за која според Мефаил веќе бил направен и пазар од купувач во Австралија, инаку роднина на неговиот татко, дошло кога тој дознал дека во куќата која сакал да ја купи свој удел имале и Џемаил и неговиот син. Кога за ова дознал обвинетиот по се изгледа се обидел да расчисти на начин за кој сега се терети. Со сослушувањето на оштетениот заврши денешниот главен претрес, а наредниот претрес е закажан за први февруари годинава, со распит на сведоци.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top