Реализацијата на ланскиот буџет на општина Струга-трн во око за советниците

На 36тата седница на општина Струга, најмногу негативни забелешки за јавното осветлување, локалните патишта и затоплувањето на училиштата.

 |  Мишел Наумоски  | 
Sednica na Sovet
Седница на Совет

Sednica na SovetТриесет и шестата седница на советот на општина Струга само што почна, заглави на втората точка. Кварталниот извештај за реализација на буџетот на општината за 2011 година доби најмногу коментари и забелешки од советниците. Пред оваа точка беше изгласана само предлог-програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Струга. Последниот квартал од минатата година, најсериозни забелешки доби во делот за јавното осветлување и одржувањето на локалните патишта и улици.
 „Кажавте за улици и патишта дека се комплет потрошени, не знаевме тоа, сега сфативме, но ако се вложени сите тие средства, тогаш да видиме кој е крив што сите дупки за три месеци се отворија. Да видиме кој е крив тука.“-рече Момчило Аврамоски-Советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко не одговори на ова прашање и повеќе се фокусираше на објаснувањето зошто постои разлика помеѓу планираните и реализираните средства во програмата за локални патишта и улици за 2011 година.

Ramiz Merko„Програмата е реализирана во целост, но не се префрлени средствата минатата година, останува да се исплаќаат оваа година, и со тоа ќе се види дека програмата е реализирана. Тоа беше и сомнежот кај некои советници, предвидени толку средства, а не се реализирани. Значи програмата како програма и патиштата се направени, но не се исплатени сите фактури, затоа и не се гледа во овој квартал реализацијата на програмата.“-вели градоначалникот Рамиз Мерко.
Сериозни забелешки доби и јавното осветлување. Советничката Љуљзиме Зулали од редовите на ДПА запраша зошто од предвидените 17.000.000 денари, реализирани се само околу 6.950.000 денари. Таа додаде и дека при носењето на буџетот за 2011 година предупредила на преамбициозни ставки.

Градоначалникот Мерко со став:  „Јавното осветлување го одржуваме во добра кондиција. Ние минатата година објавивме тендер за нови сијалици и тоа лед диоди кои штедат 60-70 проценти струја. Истиот тендер е завршен, потпишани се и договори . Слободно излезете во ноќните часови прошетајте по „Партизанска“ Sednica na Sovetставени се нови светли тела со лед диоди кои мислиме дека се одлични.“ На предлог на советникот Никола Затуроски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на дневниот ред беше ставена и изгласана точката за определување средства за санација на кровната конструкција на спортската сала во „Нико Нестор“ и кровот во гимназијата „Ибраим Темо“. Забелешки имаше и околу греењето во училиштата во Струга. Советникот Џеладин Кица од редовите на ДПА предупреди дека за време на најголемите студови, во многу училишта недостигала нафта за греење. Ова го негираше градоначалникот Мерко, тврдејќи дека во сите училишта имало нафта во доволни количини. Сите останати точки на дневниот ред меѓу кои извештаите за работата на ПРОАКВА, Комунално и ЈКП Хигиена-Лабуништа во 2011 како и програмите за работа на овие претпријатија за 2012 година, беа изгласани. Зелено светло доби и извештајот за реализација на програмата за локални патишта и улици,  програмата за работа на ЈП Октиси за 2012, како и одлуката за цените на услугите на ова претпријатие. Изгласани беа и предлог измените и дополнувањата во ДУП во урбаната заедница 3, блок 10, градежна парцела 16. Не поминаа единствено измените и дополнувањата на ДУП во УЕ 7, блок 20, градежна парцела 3.10.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top